• среда, 01 април 2026

Папајоану: Искрени, конструктивни и отворени разговорите со Османи

Папајоану: Искрени, конструктивни и отворени разговорите со Османи
Атина, 21 јануари 2021 (МИА) – Беше многу конструктивна дискусија, отворен разговор каде што на маса беа ставени сите прашања во конструктивна и пријателска клима, рече портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за оцена на минатонеделната посета и средбите на министерот за надворешни работи на Северна Македонија во Грција. Говорејќи конкретно за разговорите на Бујар Османи со неговиот грчки колега Никос Дендиас, портпаролот на грчкото МНР истакна дека „средбата беше во многу позитивна и конструктивна клима, со многу искрена дискусија меѓу двајцата министри“. Папајоану објасни дека од грчка страна биле покренати сите прашања што се однесуваат на билатералните односи, темите поврзани со економската соработка и соработката во други области, прашањата за имплементација на Договорот од Преспа, како и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, а во конкретниот случај на Северна Македонија. -Ние повторно ја изразивме нашата поддршка за оваа перспектива, врз основа на исполнетост на условите, каде што секако истакнавме дека сме подготвени да помогнеме, преку техничка помош. Имаа и куса дискусија и за прашањето за вакцините, каде што ние во рамките на Европската унија го имаме покренато ова прашање за тоа колку Европската унија би можела да посредува за брзо снабдување со вакцини на земјите од Западен Балкан. Беше многу конструктивна дискусија, отворен разговор каде што на маса беа ставени сите прашања во конструктивна и пријателска клима, рече Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите. ср/лв/

Остани поврзан