• четврток, 26 декември 2024

Папајоану: Борел го прифати предлогот - на 19 април дискусија во ЕУ за Западниот Балкан

Папајоану: Борел го прифати предлогот - на 19 април дискусија во ЕУ за Западниот Балкан
Атина, 1 април 2021 (МИА) - Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, го прифати предлогот на деветтемината шефови на дипломатии кои бараа „Западниот Балкан да се врати на дневниот ред на Унијата“ и на 19 април во Луксембург ќе се одржи посебна дискусија за европската перспектива на регионот, информираше портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите. Како што јави дописничката на МИА од Атина, позитивниот одговор на Борел е на писмото испратено на 5 март и потпишано од шефовите на дипломатиите на Австрија, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска и Чешка. - Основна цел беше да се побара да има стратешка дискусија на ниво на министри за надворешни работи од земјите членки на Европската Унија за Западниот Балкан, како што пишуваат министрите, поради важноста што му ја даваат на овој регион и исто така потенцирајќи дека за жал последна таква дискусија имаше во август 2019 година и дека е време за таква дискусија. Во оваа рамка, господинот Борел го прифати овој предлог и планирано е да се одржи засебна дискусија за Западен Балкан, за европската перспектива на Западен Балкан, на следната средба на министри за надворешни работи на Европската унија на 19 април во Луксембург, објасни Папајоану на прашањето на дописничката на МИА од Атина. Во однос на трите меморандуми меѓу Грција и Северна Македонија кои над шест месеци се во грчкиот Парламент, откако на средината на септември беа доставени и се уште чекаат да бидат ратификувани, а во медиумите во Грција има натписи дека би можело да бидат ставени на дневен ред на крајот од април, Папајоану рече дека тоа е прашање за кое надлежноста ја има грчкиот Законодавен дом. ср/сп/ 

Остани поврзан