• недела, 24 ноември 2024

Папата Франциск со критика до рускиот патријарх Кирил: Бог е мир и не нè води по патот на војна

Папата Франциск со критика до рускиот патријарх Кирил: Бог е мир и не нè води по патот на војна
Астана, 14 септември 2022 (МИА) - Папата Франциск денеска во Астана истакна дека Бог не ја насочува религијата кон војна, а медиуми пишуваат оти станува збор за имплицитна критика до рускиот православен патријарх Кирил, кој ја поддржува руската инвазија врз Украина и ја бојкотираше конференцијата на верските водачи во Казахстан. На вториот ден од престојот во Казахстан, папата Франциск се обрати на Седмиот конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, собир каде присуствуваат христијани, Евреи, муслимани, будисти, хиндуси и лица од други вери. Требаше да присуствува и патријархот Кирил, но, тој ги откажа учеството, а Руската православна црква, сепак, испрати своја делегација. Кирил со ентузијазам ја поддржа руската инвазија на Украина, што ја гледа како бедем против декадентниот Запад. Неговиот став предизвика раздор со Ватикан и почна внатрешна побуна што доведе до прекин на врските на дел локални православни цркви со Руската православна црква, потсетуваат медиуми. - Бог е мир. Тој секогаш нè води по пат кон мирот, никогаш по патот на војната, истакна папата. Во време „обележано со неволјите на војната“, „неопходен е чекор напред“ што „мора да дојде од нас“, повика папата, не спомнувајќи ја директно ситуацијата во Украина. - Самата осуда на екстремизмот не е доволна... Сè додека се шират нееднаквоста и неправдата, нема да има крај на вирусите дури и полоши од Ковид-19, вирусите на омразата, насилството и на тероризмот, подвлече папата, меѓу другото. бд/сд/

Остани поврзан