• сабота, 23 ноември 2024

Папата Франциск одржа миса пред повеќе од половина милион верници во Источен Тимор

Папата Франциск одржа миса пред повеќе од половина милион верници во Источен Тимор

Дили, 10 септември 2024 (МИА) - Околу 600.000 луѓе во Источен Тимор, што претставува речиси половина од населението на земјата, присуствуваа денеска на мисата што ја одржа папата Франциск во крајбрежниот парк, кој е симбол на долгата борба на земјата за независност од Индонезија.

Верниците се насобраа на широкото, прашливо подрачје каде индонезиските сили ги погребале убиените борци за независност на Тимор. Многумина пристигнаа уште во 1 часот наутро, а голем дел од нив минале часови на сонце и температури од 32 степени Целзиусови.

Поранешната португалска колонија Источен Тимор, со околу 1,3 милиони жители, се наоѓа северно од Австралија и е една од само двете претежно католички земји во Азија. Ватикан соопшти дека околу 96 проценти од населението на Тимор се католици. 

Источен Тимор загуби најмалку 102.800 луѓе во конфликтот со Индонезија во периодот од 1975 до 1999 година, според Обединетите нации. Официјалните проценки покажуваат дека просечната возраст на населението сега е 20 години.

- Прекрасно е што овде има толку многу деца! Вие сте млада земја и секој агол е преполн со живот, рече папата Франциск за време на својата проповед, обраќајќи се кон насобраниот народ.

На крајот на мисата, папата ги повтори претходни предупредувања за наметнување на западните либерални вредности врз остатокот од светот.

- Бидете внимателни со крокодилите кои сакаат да ја променат вашата култура и историја, им порача папата на присутните, споредувајќи го Западот со крокодилите на плажите на Тимор.

Посетата на папата Франциск на Источен Тимор е дел од амбициозната дванаесетдневна турнеја низ четири земји во Југоисточна Азија и Океанија, што е неговата најдолга турнеја досега.

Франциск е првиот папа кој го посетил Источен Тимор по 35 години, по посетата на Јован Павле Втори, чијашто посета даде историски поттик на движењето за независност на земјата. Јован Павле Втори, исто така, одржа миса во Таситолу, сега заштитено подрачје и „Парк на мирот“ на северниот брег од островот.

Франциск ќе биде во посета на Источен Тимор до утре, како дел од турнејата која вклучи и посети на Индонезија и Папуа Нова Гвинеја. Последната станица на папата пред враќањето во Рим в петок, ќе биде Сингапур во четврток. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан