• вторник, 24 декември 2024

Папата Франциск ги повика Луксембуржаните да им помaгаат на земјите во развој

Папата Франциск ги повика Луксембуржаните да им помaгаат на земјите во развој

Луксембург, 26 септември 2024 (МИА) - Папата Франциск денеска ги повика лидерите на Луксембург, мала нација со развиена економија и најголем број милионери по жител во светот, да им помогнат на земјите во развој.

Папата, кој е во еднодневна посета на земјата, рече дека зголемувањето на помошта може да помогне да се ограничи протокот на бегалци и мигранти во Европа.

– Да не заборавиме дека поседувањето богатство вклучува и одговорност. Повикувам на постојана будност за да им се помогне на најсиромашните народи да излезат од сиромаштијата, рече папата на собирот на политички и граѓански претставници.

Тој истакна дека Луксембург „е пример за тоа како мигрантите и бегалците треба да бидат примени и интегрирани“.
Речиси половина од 654.000 жители на Луксембург се странци, пред се од Франција, Белгија и Германија.

Папата исто така ги повика Луксембуржаните да имаат повеќе деца со оглед на нивната ниска стапка на наталитет.

Луксембуршкиот премиер Лукс Фриден во својот поздравен говор рече дека луксембуршкиот устав го смета човечкото достоинство за „фундаментално право“.

– Сите ние мора постојано да се трудиме да го заштитиме тоа достоинство, рече Фриден.

Според Ватикан, во Луксембург живеат околу 271.000 католици.

Папата Франциск во текот на денот ќе замине и во посета на Белгија.

Тој одлучи да ги посети местата кои досега ниту еден папа не ги посетил или каде католиците се малцинство. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан