• среда, 27 ноември 2024

Папата Франциск велигденската порака ја посвети на сите погодени од коронавирусот

Папата Франциск велигденската порака ја посвети на сите погодени од коронавирусот
Рим, 12 април 2020 (МИА) – Папата Франциск во велигденската порака своите мисли ги упати до сите оние кои се погодени од коронавирусот - болните, починатите и нивните семејства, повикувајќи го светот да го остави оружјето, да ги намали санкциите и да ги отпише долговите кон сиромашните земји за да се спротивстават на епидемијата, а ја предупреди и Европската унија. Папата повика на ублажување на меѓународните санкции и намалување на долговите на земјите во развој, за да им се помогне на сите земји да се справат со ефектите од пандемијата на Ковид-19. - Меѓународните санкции да се ублажат бидејќи им отежнуваат на земјите на кои им се наметнати соодветно да им помогнат на своите граѓани. Сите нации треба да бидат во можност да ги задоволат своите моментално најголеми потреби со тоа што ќе им го намалат, а можеби и простат долгот што ги оптоварува, рече папата Франциск.
Тој се осврна и на „епохалниот предизвик“ со кој се соочува Европската унија, повикувајќи ја „да не ја изгуби можноста да продолжи да покажува солидарност, свртувајќи се кон иновативни решенија“.
Папата повика на прекин на сите војни, терористички напади и страдања ширум светот.
Папата Франциск ги повика луѓето за време на велигденската миса во празната црква „Свети Петар“ да „не се препуштат на стравот“ и да се фокусираат на „пораките на надеж“.
На мисата што обично се одвива во полна црква со околу 10.000 луѓе, имаше само околу дваесет, вклучувајќи неколку помошници и хор помал од вообичаениот.
Во црквите ширум светот вечерните служби се одржуваа во празни цркви и се пренесуваа преку телевизија или интернет. паг/

Остани поврзан