• сабота, 23 ноември 2024

Папата со порака од Монголија: Владите не треба да се плашат од Католичката црква, таа нема политичка стратегија

Папата со порака од Монголија: Владите не треба да се плашат од Католичката црква, таа нема политичка стратегија

Улан Батор, 2 септември 2023 (МИА) - Папата Франциск денеска изјави дека владите не треба да се плашат од Католичката црква, бидејќи таа нема политичка стратегија.

Папата денеска е во посета на Монголија, земја со само 1.450 католици, каде малата католичка заедница одржува добри односи со властите, кои ги разбираат нејзините социјални, здравствени и добротворни активности.

Обраќајќи им се на епископите, свештениците, мисионерите и пастирските работници, Папата рече дека Исус не им дал политички мандат на своите апостоли, туку им рекол да ги олеснат страдањата на „ранетото човештво“ преку вера.

-Токму затоа владите и секуларните институции немаат причина да се плашат од евангелизациското дело на Црквата, бидејќи таа нема никаква политичка агенда. Таа е водена од тивката сила на Божјата благодат и пораката за милост и вистина, целта од кои е да се промовира доброто на сите, рече папата.

Меѓу присутните беше и највисокиот католички свештеник во Хонг Конг, надбискупот Стивен Чоу, првиот бискуп од Хонг Конг кој официјално го посети кинескиот главен град во речиси 30 години во април. Чоу, рече дека се надева оти црквата во Хонг Конг може да биде еден вид „мост“ со континентална Кина.

Чау ја предводи делегацијата од околу 40 католици од Хонг Конг. Тој рече дека Католичката црква во Азија расте и сега е во позиција да помогне во поттикнувањето на меѓусебното разбирање меѓу католиците од Истокот и Западот.

Тој посочи дека папата, кој се потрудил да патува толку долг пат за да посети една толку мала заедница, го покажува токму тоа „дека Црквата се шири кон перифериите, бидејќи Црквата не е само црква во Рим, туку и црква на светот“. мс/

Остани поврзан