Папата повика на прекин на нападите врз цивили во светот
- Папата Франциск денеска повика да се прекинат нападите врз цивили во светските конфликти, вклучително и конфликтите во Газа и Украина, и посочи дека нападите врз цивили се воени злосторства.
Рим, 8 јануари 2024 (МИА) - Папата Франциск денеска повика да се прекинат нападите врз цивили во светските конфликти, вклучително и конфликтите во Газа и Украина, и посочи дека нападите врз цивили се воени злосторства.
-Современите војни веќе не се водат само на боиштата, ниту се однесуваат само на војниците. Не смееме да заборавиме дека сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право се воени злосторства и дека не е доволно да се идентификуваат, туку е неопходно и да се спречат, изјави поглаварот на Римокатоличката црква за време на новогодишната аудиенција на членовите на дипломатскиот кор акредитиран во Светата столица.
Папата рече дека настаните во Украина и Газа се јасен доказ за сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.
-Дури и кога станува збор за остварување на правото на самоодбрана, неопходно е да се придржуваме до пропорционална употреба на сила, рече папата Франциск.
Тој го повтори својот повик за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас. мс/
фото: ЕПА