• сабота, 23 ноември 2024

Папата на ненајавена средба со бездомници во бриселската општина Сен Жил 

Папата на ненајавена средба со бездомници во бриселската општина Сен Жил 

Брисел, 28 септември 2024 (МИА) – Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој престојува во тридневна посета на Белгија, претпладневно ненајавено ја посети црквата „Сен Жил“ во истоимената бриселска општина, каде имаше средба со група бездомници и претставници на локално здружение кое им помага и им обезбедува храна и други основни потреби. 

Црквата „Сен Жил“ е вообичаено собиралиште на локалните бездомници за време на викендите, бидејќи тамошната парохиска управа и дели бесплатен појадок во сабота и недела. Како што јавија бриселските медиуми, папата се задржа на получасовен разговор со бездомниците и претставниците на хуманитарното здружение. 

Според програмата на посетата, понтифот претпладнево требаше да се сретне со лидерите на Католичката црква во Белгија во базиликата „Кекелберг“, но средбата беше пролонгирана поради неговиот престој во Сен Жил. За попладнево е предвидена и средба на папата со студенти и професори од Католичкиот универзитет во Лувен. 

Посетата на поглаварот на Католичката црква на Белгија е на покана на Универзитетот во Лувен, по повод 600-годишнината од неговото основање. Предвидено е за време на престојот во Белгија, папата да одржи повеќе состаноци, да присуствува на различни свечености и да ги посети Брисел, Лувен, Кекелберг и Лувен-ла-Нев. Главен настан на неговата посета е утрешната миса на бриселскиот стадион „Крал Бодуен“ во комплексот Хејсел, на која се очекува присуство на околу 35.000 лица. 

Вчера, папата се сретна со кралот Филип и кралицата Матилда во белгиската Кралска палата во Лакен, при што во обраќање до нацијата ја осуди долгогодишната појава на сексуална злоупотреба на малолетници од страна на свештеници на Католичката црквата. 

Понтифот нагласи дека Црквата „мора да се засрами и да побара прошка“ за сексуалното насилство извршено од страна на свештеници. 

- Црквата мора да се засрами и да бара прошка и да бара начини да се реши оваа ситуација со христијанско сомилост и да направи се што е можно таа да не се повтори, порача папата. 

Тој додаде и дека е „тажен поради трагедијата“ на присилните одземања на деца од нивните мајки во Белгија и давање на посвојување во периодот од 50-те до 70-те години на минатиот век, во кои биле вклучени и калуѓерки на Католичката црква. 

Кралот Филип, исто така, повика на осуда на појавата на сексуални злоупотреби од припадници на Црквата.  

- На децата им беше нанесено страшно страдање, кое тие ќе го носат во себе до крајот на животот, рече белгискиот монарх, поздравувајќи ги при тоа напорите на Католичката црква за расветлување на овие случаи. 

Апелирајќи за „решителни и бескомпромисно“ продолжување на ваквите напори, кралот потенцираше дека папата ја осудил „ужасната трагедија“ на сексуална злоупотреба во Црквата и дека презел чекори за борба против овие „гнасни акти“. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан