• среда, 25 декември 2024

Панел НКЕУ-МК: Во Франција борбата против корупција почнува од образованието, во земјава минимум 10 отсто од буџетот одат за корупција

Панел НКЕУ-МК: Во Франција борбата против корупција почнува од образованието, во земјава минимум 10 отсто  од буџетот одат за корупција

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Корупцијата ја има и во земјите-членки на ЕУ, но разликата е во развиените механизми со кои тие се борат против ова зло. Во Франција борбата против корупција почнува уште од образованието, а во Северна Македонија минимум 10 проценти од буџетот одат за корупција. Ова беше посочено на втората панел сесија „Спречувањето и борбата против корупцијата: Доброто управување, законите, институциите и одговорноста за заштитата на јавните интереси на државата“ во рамки на Шестата пленарна сесија на НКЕУ-МК.

Фредерик Дубост, судијка за врски во француското Министерство за правда и експерт за Југоисточна Европа, на панелот истакна дека според анкетите 69 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата не доволно се гони од националните власти, што отприлика, рече, е на исто ниво како во вашата држава.

Посочи дека 120 милијарди годишно е цената на корупцијата во европските економии.

-Корупцијата ја еродира довербата во уставот. Циклусот на корупција сам се одржува. Најорганизирана форма на корупција која е најтешка за откривање е админстративна или бирократска корупција. Таа е дури и поштетна од оваа висока корупција. Оваа практика е карактеристична за организирани криминални групи, нагласи Дубост.

Во Франција, истакна таа, имаме четири главни начини и стратегии за борба против корупција и нејзина превенција.

-На полето на образованието пред неколку дена имавме Меѓународен ден за борба против корупција и промовираме активности за образование без корупција.

Втората поента, како што рече, што е главна според мене, е обуки и градење капацитети за различни целни групи. 

-Третата поента е транспарентноста. Таа се однесува на буџетите, на јавните набавки но и на објавувањата на трошењата на јавните финансии. Треба да постои јавна изјава за интерес и имот. Ова се примери на добро управуивање. Мора да ја имате предвид и важноста на годишните извештаи објавени на интернет, истакна Дубост.

Што се однесува на државната администрарција, нагласи француската судијка, многу е важно да се врши вработување засновано на способности, тоа, вели, важи и за приватните компании, бидејќи тогаш нема никаква дискусија кој, зошто и како е вработен.

-Четвтата точка е казнување, сите граѓани бараат затворски казни, но тоа не е единствената казна што е од корист. Имаме и други казни на пример - забрана за учество во јавни набавки и забрана за вршење јавна фукнција, дисциплински казни за јавни службеници, а и кривична одговорност за правните лица кои се вмешани во корупција, рече Дубост.

Потребно е, додаде таа, да имаме добри истраги пред судовите и потребно е да слушнеме што се случува на рочиштата и како се изрекуваат казни. 

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, кажа дека корупцијата е страшна болка во општеството која што го крши владеењето на правото, ја крши демократијата, човековите права, конкуренцијата, економскиот развој, ја крши и стабилноста на демократските институции, но и ги руши и моралните темели во општеството.

-Едноставно, таа стана наше секојдневие, стана начин на живот. Меѓутоа, иако борбата со корупцијата воопшто не е тешка, сепак некои искуства покажуваат дека со системска превенција на корупцијата и со општествена ориентирана борба долгорочно можеме да постигнеме успех, па дури и минимум 10 проценти од буџетот на државата да заштедиме. Тоа значи дека минимум 10 проценти од буџетот одат за корупција, подвлече Ивановска.  

ДКСК, додаде таа, смета дека на корупцијата може да и се спротивстави со свој личен пример и стратешки.

-Со свој личен пример ние ете овие четири речиси пет години работиме на начин што непродуктивните трошоци во институцијата се сведени буквално на нула, а стратешки пристапивме исполнувајќи ја нашата законска надлежност за подготовка на Националната стратегија за борба против корупцијата која што ја темелевме на анализа на ризици од корупција и тоа ризици од корупција коишто првенствено се однесуваат на трошењето на јавните средства, на злоупотребата на службените позиции во јавниот сектор. Направивме проценка по сектори и така излегоа дека во нашата Национална стратегија земаа место 15 сектори и две ризични области, а тоа се ризичните области за вработување како еден најголем проблем во државава и јавните набавки исто така ризична област каде што се одлеваат значајни државни средства, рече таа.  

Понатаму, додаде, секторите – политички систем, правосудство, институции за спроведување на законот, здравство, образование, труд и социјална политика, урбанизам и градежништво, животна средина, земјоделство, спорт, економија и бизнис, јавни институции, медиуми и исто така ги додадовме и функционирањето на инспекциските служби и располагањето со државниот имот.  

-Како високоризични области коишто имаат ви кажавме покрај овие споменатите се и финансирањето на политичките партии, бидејќи финансирањето создава можност за воспоставување на врски и моќни позиции кои може да се искористат за корупција во подоцнежната фаза. Понатаму, политичкото влијание врз процесот на изготвување и донесување на законската регулатива, бидејќи ова е процес којшто многу често се создава двосмислена регулатива и институционална структура на јавниот систем сегменти коишто остануваат и натаму извори на корупција, истакна Ивановска.  

И третото, нагласи, е финансирање на медиумите и граѓанските организации бидејќи може да биде основа за тргување со влијание што е многу важно во креирањето на јавното мислење, бидејќи може да ја попречи борбата против корупцијата наместо да ја поттикнува.  

-Во сите анализирани сектори заеднички именители коишто ги идентификувавме се следните фактори на ризици. Тоа е силното политичко влијание, многу често ги споменувам и повторувам овие фактори, понатаму не владеењето на правото односно неказнивоста и ниската ставка на санкционирање на коруптивното однесување на ниво на општеството, неконзистентната регулатива која остава простор за злоупотреби и поттикнува коруптивно однесување, недоволната транспарентност, системот за следење на контролни механизми во јавниот сектор и како именител на сите овие фактори е отсуството на интегритет. Мислам дека тоа е најсилниот фактор, оцени Ивановска.  

На оваа панел-дискусија во рамки на Шестата сесија на НКЕУ-МК се обратија и заменик-министер за информатичко општество Александар Бајдевски, директорот на Државниот завод за статистика на Северна Македонија Апостол Симевски, Драган Тевдовски, поранешен министер за финансии и професор на Економскиот факултет и Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“. нд/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан