• сабота, 23 ноември 2024

Панел дискусија „Европската иднина на регионот и надворешните државни актери”

Панел дискусија „Европската иднина на регионот и надворешните државни актери”

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Во организација на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе се одржи панел дискусија на тема „Европската иднина на регионот и надворешните државни актери”.

Дискусија е организирана во рамки на официјалното отварање на т.н. Школа за безбедност 2024, која КАС и Филозофскиот факултет-Скопје, а со поддршка на нашата сестринска фондација Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии од Брисел традиционално ја организираат во изминатите неколку години.

Иницијативата има за цел да поттикне соработка и пријателство помеѓу земјите од регионот, нудејќи платформа која на едно место обединува студенти и млади професионалци, како и експерти и претставници од академската сфера од три соседни земји, односно Северна Македонија, Бугарија и Србија, со цел дискусија и размена на искуства на теми кои се од заеднички интерес, како што се прашањата за регионалните безбедносни предизвици и регионалната соработка на ова поле.

Настанот ќе го отвори заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, а воведни обраќања ќе имаат официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, претставникот од Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс Гавин Синот, како и деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески.

Дискусијата ќе ја модерира проф. д-р Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, кој ќе даде и свое воведно излагање на темата.

Според агендата, на панелот ќе се обратат и националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам Павле Трајанов, Ана Крстиновска од Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности ЕСТИМА и проф. д-р Ненад Марковиќ од Правниот Факултет „Јустинијан Први” - Политички студии, Универзитет Св. Кирил и Методиј - Скопје.  дма/мд/

 

 

 

Остани поврзан