• четврток, 26 декември 2024

Панел дискусија „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“

Панел дискусија „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - На иницијатива на сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, денеска се одржа панел дискусија на тема „Дигиталното образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“ и во соработка со Женската граѓанска иницијатива – ЖГИ АНТИКО по повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената.

Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека развојот на информациските и комуникациските технологии ја зголемува потребата од нови вештини и знаења и покрај високото образование, дигиталната и интернет писменоста денес е значајна алатка за економско зајакнување на жените.

-Преку обезбедување на дигитални вештини, на жените им се овозможува и можност за сопствен бизнис, за финансиска независност, за остварувања на своите права. Со зголемувањето на дигиталната писменост, ќе може да се ублажат многу прашања поврзани со родовата нееднаквост. Еден од последните извештаи на Светскиот економски форум за глобалниот родов јаз потврдува дека во повеќето кластери на професии на иднината има голема нерамноправност меѓу жените и мажите. Нерамноправност во износот на примањата, во можноста за напредување во професијата, во добивањето еднакви шанси и видливост при професионалниот развој. Последното мапирање на ИТ секторот во Северна Македонија направено минатата година го потврдува проблемот видлив во застапеноста на жените во оваа индустрија, стереотипизирајќи ја најчесто како машка професија. Особено очигледни во ова истражување се разликите на сениорските и менаџерските позиции помеѓу жените и мажите, рече Ѓоргиевска.

Како што се посочува во соопштението, настанот се одвиваше во две панел дискусии на коишто учествуваа шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, шефицата на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија, Весна Ивановиќ – Кастаред, генералната директорка и сопственичка на Семос едукација, Валентина Тасева, извршната директорка и ко-основачка на ИТ компанијата Дигикјуб (Digicube), Влора Адеми, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, диригентката во Македонска опера и балет, Бисера Чадловска, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка од Преспанскиот регион и Искра Гешоска, советничка за прашања од областа на културата на претседателот на Република Северна Македонија.

Годинава, Обединетите Нации го одбележуваат Меѓународниот ден на жената под тема „DigitALL: Иновации и технологија за родова еднаквост“.фф/дма/

Фото: Кабинет на претседателот 

 

 

Остани поврзан