• среда, 18 декември 2024

Панел  во Битола „За паметен, зелен и инклузивен Пелагониски регион“

Панел  во Битола „За паметен, зелен и инклузивен Пелагониски регион“

Битола, 17 декември 2024 (МИА) - „За паметен, зелен и инклузивен Пелагониски регион“  се залагаат членовите на Советот за развој на пелагонискиот плански регион и тоа е во фокусот на општините кои го одбележаа денот на регионален развој.

Според Даме Димитровски, универзитетски професор на машински факултет во Скопје, на пелагониските општини им престои голем проект врзан со воспоставување на систем за управување со отпад кој нема да влијае врз животната средина.

-Еден од поголемите проекти со кој што ќе се сретне овој регион е постапувањето со отпадот и ние се надеваме дека во следните 4 до 5 години ќе се воспостави систем за управување со отпад по европски терк каде што ќе има предселекција, селекција на секундарен отпад, произведување на гориво од отпадот и тоа ќе се случува во еден затворен систем без да се влијае на животната средина, нагласи професорот Димитровски затоа што како што рече тоа е од интерес на пелагонискиот регион богат со земјоделие и со енергетска инфраструктура.

Експерите потсетија дека климатските промени најмногу влијаат и го погодуваат земјоделскиот сектор и затоа ќе треба да се помогне и да им се овозможи на земјоделците да работат по светски стандарди и без загадување.

-Со климатските промени погодено е и водостопанството, а тоа се препознава на Преспанско Езеро за кое се потребни вистински решенија. Со климатски промени погоден е и енергетскиот сектор и ние треба да овозможиме систем во кој што нема да се загадува, РЕК Битола да не биде загадувач туку прочистувач на воздухот, односно да не влијае врз создавањето на стакленички гасови, посочи Димитровски.

На панелот во Битола, градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски, воедно претседател на Советот за развој на Пелагониски плански регион посочи дека со поддршка на бизнис секторот и граѓанските организации очекува континуитет во развојот на регионот и побара поддршка од централната власт да ефектурираат иницијативите за реконструкција на патните правци Кичево-Демир Хисар, Битола-Прилеп и поврзување со туристичкиот центар Охрид за тоа што како што рече во изминатите седум години пелагонискиот регион бил заборавен од централната власт. мт/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан