• среда, 25 декември 2024

Панел-дискусија: По 23 години од Рамковниот договор, предизвик останува ефикасна децентрализација

Панел-дискусија: По 23 години од Рамковниот договор, предизвик останува ефикасна децентрализација

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Од постконфликтно општество, чие функционирање е загарантирано со мировен договор, наша задача е Северна Македонија да ја направиме модерно општество во кое институциите ќе одразуваат целосна еднаквост на секое ниво. Не можеме вечно да се согласуваме, сега дојде време постигнатите договори да се вратат на основата за модернизација и европеизација на државата. Во периодот пред нас ќе отвориме нова етапа на креирање политики, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на панел-дискусијата „23 години од Рамковниот договор – Децентрализацијата останува предизвик”. 

Како држава што членува во НАТО, нарушувањето на мирот, рече Меџити, „веќе не е опција за нашата земја“, нагласувајќи дека предизвик денеска е како да се направи поефикасна децентрализација, помоќни институции, понезависно судство, послободни медиуми и пофункционална демократија.

-Должност на централната власт е многу повеќе да се ангажира во зајакнувањето на локалните власти нудејќи им повеќе ресурси, поголема независност, повеќе можности за развој и ефикасност, бидејќи општините се првата врата каде што граѓаните се обраќаат кога имаат потреба. Има многу сфери во кои поделбата на надлежностите во пракса или на терен изгледа апсурдна. Во тие аспекти, потребно е редефинирање и реорганизација на постоечките правни механизми и решенија. На општините им треба поголема финансиска независност и поголема наплата на даноците. Тие не можат да бидат самоодржливи без финансиска независност, а финансиската независност е гаранција за немешање на централната власт на арбитрарен начин во работите и овластувањата на локалната власт, истакна Меџити отворајќи ја панел-дискусијата  

Оцени дека локалната власт има потреба од зајакнување на фискалната децентрализација, а не само децентрализација на обврските. Како што рече, тоа значи зголемените обврски мора да се следат со зголемување на финансиските средства, што ќе овозможи нов концепт на економски развој во кој општините ќе бидат негови генератори. 

Како поранешен градоначалник и актуелен министер за животна средина, Меџити повика општините да имаат повеќе овластувања да се занимаваат со еколошките проблеми, а како големи предизвици ги посочи и децентрализацијата во образованието и во безбедноста.

-Првата работа во оваа насока е деполитизација заради професионализација на образованието. Образование во кое јасно ќе се дефинираат надлежностите и одговорностите на локалната и централната власт, каде што квалитетот, креативноста, иновативноста ќе бидат вградени во образовниот систем, рече Меџити.

За децентрализацијата од аспект на безбедноста, посочи дека „не се целосно прецизирани надлежностите меѓу локалната и централната власт во оваа сфера“ и дека „улогата на општината и локалната власт никако не треба да се потцени“.

-Општината во соработка со граѓаните е таа која најдобро знае каде се жариштата на криминалните групи и нарушувачите на јавниот ред и мир. Затоа, мора да се воспостават ефикасни механизми каде граѓанинот ќе биде активен заштитник на безбедноста, наместо да биде жртва на криминал и криминални банди. За таа цел потребна е поголема и поефикасна соработка на советот на општината, градоначалникот со полицијата и безбедносните органи, рече првиот вицепремиер.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински во излагањето посочи дека со Охридскиот договор и веднаш потоа со измените на Уставот и со донесувањето на Законот за локална самоуправа, „практично е потврден унитарниот карактер на државата со јасна определба за градење современ децентрализиран систем на локална самоуправа врз основа на  принципите на Европската повелба  за локална самоуправа“.

-Генерално, имаме децентрализирана функционална локална самоуправа, којашто покрај сите предизвици ги остварува своите надлежности, некаде поуспешно, но некаде понеуспешно. Во различните единици на локална самоуправа и предизвиците се различни. Се зависи од финансиските и човечките ресурси со коишто располагаат, но зависи и од капацитетноста на локалните власти да управуваат со сложени системи. Исто толку е важно и локалните власти да се обидуваат да ги чујат граѓаните, да ги чујат нивните потреби и нивните барања. Најважно е задоволството на граѓаните. Тие се нашето огледало. Локалната самоуправа сега е исправена пред нови предизвици коишто произлегуваат од приоритетните потреби на граѓаните, истакна Перински.

Според него, отворениот политички дијалог меѓу централната и локалната власт во рамки на институциите е единствениот начин за системско решавање на сите прашања и дека за финансиската стабилност и одржливост на единиците на локална самоуправа е потребна поголема поддршка од централната власт за реализација на капитални и поголеми инфраструктурни проекти.

- Граѓаните оправдано очекуваат подобар квалитет на живот. Тоа им е најважно. За жал, се уште многу од основните прашања, како што се патната инфраструктура, современи училишта и детски градинки и други основни потреби не им се решени. Затоа Владата во периодот којшто ќе следи паралелно ќе делува на зајакнување на финансиските ресурси на локалните самоуправи, но и на директна финансиска поддршка за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти, нагласи министерот за локална самоуправа.

Перински укажа и дека финансиската капацитетност на општините зависи од изворите на финансирањето на централната власт, но, рече, „не треба да се занемарат и сопствените извори на финансирање на ЕЛС коишто се определени со закон“. 

Нови предизвици во процесот на децентрализацијата, додаде тој, се дигитализацијата на услугите, воведување  нови технологии во управување со процесите и започнување на развивање на концептот на паметни градови.

За поддршка на локалната од централната власт, посочи Перински, Програмата на Владата предвидува воспоставување ресурсен центар  за поддршка на развојот на општините кој ќе функционира во Министерството за локална самоуправа.

За предностите и слабостите на децентрализацијата, за правните и финансиските аспекти од овој процес на панел-дискусијата свои гледишта изнесоа и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела. хс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан