• недела, 24 ноември 2024

Панел-дискусија „Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија“

Панел-дискусија „Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија“
Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) - Панел-дискусија „Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија“ ќе се одржи денеска онлајн во организација на Реактор - Истражување во акција. За време на панел-дискусијата ќе биде презентирана последната студија на Реактор – Истражување во акција која се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и која ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство. Како што посочуваат од Реактор – Истражување во акција, студијата покажува дека во просек, жените во Северна Македонија извршуваат 72,5 проценти од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, а официјалната статистика на државата според спроведените анкети за користење на времето, ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека пак жените посветуваат повеќе време на неплатена работа поврзана со грижа. - Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на обата родители во грижата и воспитувањето на децата. Дополнително, доколку неплатената работа поврзана со грижа од страна на жените во Република Северна Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 евра, што е 17,18 посто од бруто домашниот производ (БДП) на Република Северна Македонија за 2019 година. Сето ова не води кон заклучокот дека е неопходно да се препознае вредноста на неплатената грижа и потребата од изнаоѓање соодветни формални решенија за неформалната економија на грижа, се наведува во соопштението. мс/сп/

Остани поврзан