• четврток, 26 декември 2024

Панајотопулос – Фезер: На одлично ниво грчко-германската соработка во управувањето со миграцијата

Панајотопулос – Фезер: На одлично ниво грчко-германската соработка во управувањето со миграцијата

Атина, 2 декември 2024 (МИА) – Заложбата на Грција и Германија за дополнително зајакнување на соработката во мигрантското прашање, управувањето со мигрантските бранови, како и забрзувањето на враќањето во трети земји, биле во фокусот на средбата на грчкиот министер за миграција и азил Никос Панајотопулос со германската министерка за внатрешни работи Нанси Фезер, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, двајцата министри размениле мислења и разговарале за клучните прашања во однос на управувањето со миграцијата, но и ја истакнале одличната соработка меѓу двете земји во конкретната област.

Панајотопулос ја нагласил и „одлучувачката улога на Грција како земја во првата линија, преземајќи ја одговорноста за заштита на европските граници“.

Фезер истакнала дека „миграцијата претставува заеднички европски предизвик, со кој не е можно поединечно справување на национално ниво, туку потребна е координирана акција и колективни решенија во рамките на единствената европска стратегија“.

Дополнително ја нагласила и важноста на зајакнатата соработка меѓу медитеранските земји и останатите земји-членки на ЕУ, со цел усвојување интегрирана и ефикасна стратегија за справување со мигрантското прашање.

На денешната средба двајцата министри размениле мислења за регионалните случувања, со посебен акцент на Блискиот Исток и Сирија, но и темелно разговарале за важноста на забрзувањето на враќањето на мигрантите во трети земји. ср/паг/

Фото: Министерството за миграција и азил на Грција

Остани поврзан