• недела, 24 ноември 2024

Палестинскиот премиер го отфрли американскиот мировен план за Блиски Исток

Палестинскиот премиер го отфрли американскиот мировен план за Блиски Исток
Ерусалим, 27 јануари 2020 (МИА) - Палестинскиот премиер Мухамед Штајех денеска го осуди долгоочекуваниот план на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп пред тој да биде објавен во текот на неделата, оценувајќи дека „не претставува основа за решавање на судирите“.
Тој додаде дека планот го крши меѓународното право и „доаѓа од страна која го изгубила својот кредибилитет како чесен посредник во сериозен и вистински политички процес“.
Палестинците го отфрлаат мировниот план пред да го видат, со образложение дека администрацијата на Трамп е пристрасна бидејќи ги поддржува Израелците.
Администрацијата на Трамп последните години презеде неколку чекори што ги налути Палестинците. Кон крајот на  2017 година го призна Ерусалим како главен град на Израел, а во мај 2018 година ја дислоцира Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, а ја затвори палестинската дипломатска мисија во Вашингтон, но и го укина финансирањето на програмата за помош на Палестинците.
Според израелските медиуми планот ќе биде во корист на Израел и можно е да вклучува и анексија на големи делови од палестинските територии, каде Палестинците планираат да формираат независна држава.
Претходно, палестинскиот претседател Махмуд Абас одби телефонски да разговара со Трамп.
Додека Трамп денеска во Белата куќа ќе им го претстави мировниот план за Блискиот Исток на лидерот на конзервативниот Ликуд, Бенјамин Нетанјаху и неговиот опонент, лидерот на Сино и бело, Бени Ганц. САД планот ќе го објават само неколку недели пред третите предвремени избори за помалку од една година. ми/

Остани поврзан