• петок, 20 декември 2024

Палестинска управа: На УНРВА и треба максимална поддршка, а не повлекување на помошта

Палестинска управа: На УНРВА и треба максимална поддршка, а не повлекување на помошта

Рамала, 27 јануари 2024 (МИА) - На Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) и е потребна „максимална поддршка“, а не запирање на помошта, изјави денеска палестинскиот министер за цивилни работи Хусеин ал Шеик.

„Ги повикуваме земјите кои најавија дека ќе ја прекинат поддршката на УНРВА да ја повлечат својата одлука“, рече Ал-Шеик, кој е и генерален секретар на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО).

Претставникот на палестинската управа предупреди дека прекинот на поддршката на УНРВА може да ја загрози испораката на хуманитарна помош додека продолжува војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Владата на Израел, сепак, рече дека не сака УНРВА да биде дел од решението на палестинската територија, по војната меѓу Израел и Хамас и повика да се запрат сите активности на агенцијата.

Неколку земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, го суспендираа финансирањето на УНРВА по обвинувањата дека персонал на ова тело бил вклучен во нападите на Хамас врз Израел пред три и пол месеци.

Агенцијата потврди дека отпуштиле некои вработени откако добиле информации од Израел за нивната вмешаност во злосторството. Генералниот секретар на ОН побара брза истрага.

„За да ја заштити способноста на агенцијата да продолжи да доставува хуманитарна помош, главниот комесар Филип Лазарини веднаш ги раскина договорите на овие вработени и започна истрага за да се утврди вистината без одлагање. Секој вработен во агенцијата кој бил вклучен во тие терористички напади ќе одговара за своите постапки“, изјави претходно Стефан Дујарик, портпарол на ОН. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан