• четврток, 26 декември 2024

Пакомак нуди на свој трошок да ги празни сите контејнери за селективен отпад од пакување на територијата на Град Скопје

Пакомак нуди на свој трошок да ги празни сите контејнери за селективен отпад од пакување на територијата на Град Скопје

Скопје, 16 јули 2024 

Се почести се поплаките од граѓаните за нередовното собирање на сметот од градските улици кој освен што е  извор на непријатна миризба, на овие температури може да биде извор и на зарази. Покрај контејнерите за комунален отпад, неретко такви места каде се натрупува отпад се и контејнерите за селекција на отпадот од пакување на Пакомак. Во врска со ова прашање, од Пакомак не информираа дека тие соработуваат повеќе од 14 години со  Градот Скопје и ЈП Комунална Хигиена Скопје како компанија директно одговорна за управувањето со отпад на територијата на Градот Скопје. Досега од страна на Пакомак се поставени над 500 контејнери за селекција на отпад од пакување од 1,1 до 3,2 м3 во сите општини низ Градот Скопје. Најголем дел од контејнерите се за селекција на стаклен амабалажен отпад (над 350), но и стотина контејнери за пластика/лименки и хартија.  

"Изминативе години ЈП Комунална Хигиена Скопје (КХС) со своите ресурси (возила и луѓе) ги сервисира (празни) контејнерите за селекција на отпад од пакување поставени од Пакомак, за што Пакомак плаќа кон КХС надоместок за секој тон собран отпад од пакување (стакло, пластика, лименки, хартија). Сопственоста на собраниот материјал секогаш била на КХС, со право за истиот да приходува со трговија кон трети лица, доколку истиот има комерцијална вредност, без притоа Пакомак да се меша во тие односи. Соработката е многу коректна, иако се уште имаме јавувања од граѓани кои се жалат дека жолтите и сините контејнери се преполни, но тие случаи брзо ги решаваме во соработка со КХС"- велат од Пакомак. 

"Со цел да ги растерети КХС и нивните ресурси, Пакомак уште на почетокот од април 2024та со соодветен допис и понуди на КХС на наш трошок да ги празниме и сервисираме сите ИГЛО контејнери на територија на Град Скопје, а кои досега ги празнеше и сервисираше КХС. Со тоа би се ослободиле ресурси на КХС (возила и луѓе), но и би немале трошок (гориво, дневници) за истата намена. Сите овие трошоци би биле на терет на Пакомак Доо"- не известуваат од Пакомак.  

Од Пакомак сакаат да ја поддржат КХС и да се подобри собирањето на отпадот во Градот, а се во интерес на граѓаните, без притоа КХС да ги намали постојните приходи од Пакомак. 

"Со цел да не биде КХС оштетена како градско јавно претпријатие, подготвени сме да продолжиме да му го плаќаме на КХС надоместок за секој тон собран отпад од пакување (хартија, пластика, стакло и лименки) како и досега! Најпосле, отпадот од пакување што ќе се собере од овие контејнери прифаќаме да остане сопственост на КХС и понатаму да тргува и дополнително приходува во комерцијална трговија со трети лица, иако согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување (ЗУПОП) истиот треба да ни биде бесплатно предаден.  Очекуваме дека на овој предложен начин ќе се собира повеќе отпад од пакување (тоа е главна цел на Пакомак), а КХС ќе има  екстра приход од најмалку 100.000 ЕУР/годишно без никаков трошок и ангажман! Целта ни е како наш долгогодишен партнер да има дополнителен фонд за раавој на селектирањето и одделното собирање на отпад од пакување од комуналниот отпад" 

Од Пакомак велат дека се уште немаат одговор за нивниот предлог од надлежните во КХС, а со кој и двете страни би имале вин-вин ситуација: Пакомак како непрофитна компанија би собирал почесто и повеќе отпад од пакување, а КХС би ги зголемила приходите, намалила трошоците и ослободила ресурси за останатите нејзини активности. Очигледно сега на потег се надлежните од КХС. 

Друштво за управување со пакување и отпад од пакување Пакомак 

_____________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

 

 

Остани поврзан