• вторник, 24 декември 2024

Павлова за МИА: Очекуваме Владата да воспостави силни тимови за успешно спроведување на проектите

Павлова за МИА: Очекуваме Владата да воспостави силни тимови за успешно спроведување на проектите
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Сме увиделе случаи каде имаме многу добри тимови кои спроведуваат проекти, а кај други, за жал, се уште се соочуваме со застои што се должат на оддолжени постапки за јавни набавки, прибирање на тендерски документации или како што е случајот со станицата за третман на отпадни води во Скопје, и дополнителна советодавна поддршка и обука за вработените. Очекуваме Владата да воспостави силни тимови кои се клучни за успешното спроведување на проектите, вели во интервју за МИА Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Со Павлова разговаравме по повод  договорот што беше потпишан вчера со ЕИБ за заем од 50 милиони евра наменети за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во општините во државава. Како што укажува таа, тоа е многу важна инвестиција која ја прават заедно со Владата под раководство на Министерството за животна средина и општините за да се обезбеди поквалитетен и подобар пристап до вода и инфраструктура за чиста вода. Според Павлова, клучен приоритет следната година ќе биде да се поддржи Владата во реализација на неодамна најавениот енергетски пакет од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за регионот во износ од милијарда евра како поддршка за надминување на енергетската криза. - Подготвени сме да дадеме советодавна поддршка на Владата во подготовката на акцискиот план за праведна транзиција, со цел да се осигураме дека не само што ќе постои вистинска стратегија, туку и да се подготват добри, зрели, спроведливи проекти, за да можеме после да ја извршиме распределбата на средствата наменети за Северна Македонија, посочува Павлова. Таа во интервјуто најавува и дека ќе следи уште еден заем, во износ од 100 милиони евра, наменет за малите и средните претпријатија, а како поддршка за владината програма за надминување на негативното влијание од војната во Украина врз економијата и енергетскиот сектор. - Поддршката за приватниот сектор, за малите и средните претпријатија, за нас е од исклучителна важност и на овој начин обезбедуваме некаква ликвидност, поддршка на Владата во овие тешки времиња пред зимата, но и за самата економијата, истакнува потпретседателката на ЕИБ. Европската инвестициска банка одобри нов заем за државава за подобрување на услугите во комуналната инфраструктура. Под кои услови го добивме заемот и што ќе значи тој за граѓаните?  Навистина ми е мило што сум тука денеска, по трет пат во само неколку месеци. Верувам дека денешното потпишување за заемот од 50 милиони евра за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во 80 општини во Северна Македонија е многу важна инвестиција која ја правиме заедно со Владата под раководство на Министерството за животна средина и секако општините, за да се обезбеди инфраструктура која е значајна за подобрување на животот на граѓаните во општините во Северна Македонија, како и за да се обезбеди поквалитетен и подобар пристап до вода и инфраструктура за чиста вода. Ова е дел од севкупните инвестиции што ги имаме како климатска банка на ЕУ, како поддршка од ЕУ за повеќе инвестиции поврзани со климатските активности, одржливост на животната средина, но и како поддршка за спроведување на директивите на ЕУ и законодавството на Унијата, бидејќи европската перспектива значи и реализација на конкретни проекти кои се во корист на граѓаните. Покрај заемот од 50 милиони евра што е обезбеден за Владата и Министерството за финансии, денеска потпишавме и посебен договор за техничка помош од ЕИБ со Министерството за животна средина со цел да се поддржат капацитетите за спроведување на овој проект, односно капацитетите на министерството како национален координатор на оваа рамка за водоводна инфраструктура, но и капацитетот на општините со цел да им се помогне да ги реализираат конкретните проекти на терен. Во тековната економско-енергетска криза, во услови кога има се помалку финансии, кога државата се бори да обезбеди средства за финансирање, колку може да си дозволи финансирање вакви проекти и која би била улогата на ЕИБ во овој дел?  Најпрво би сакала да кажам дека ние сме навистина активни во регионот веќе долги години, а конкретно во Северна Македонија досега имаме обезбедено повеќе од една милијарда евра инвестиции во широк спектар на сектори. Само оваа година, изминативе неколку месеци, обезбедувавме и кофинансиравме конкретни проекти во износ од 200 милиони евра. Kомплементарностa на нашето финансирање, како банка на ЕУ, бидејќи ние сме банка а ова се заеми, е во тоа да ја надополниме силната поддршка која ЕУ ја обезбедува за земјата за различните инструменти – ИПА, инвестициската рамка за Западен Балкан, односно Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Така што, како дел од Тим Европа и пристапот на Тим Европа што од неодамна го применуваме, всушност можеме да ги зајакнеме различните капацитети, а ние како банка на ЕУ ги обезбедуваме нашите заеми со многу поволни услови за државата и за Владата, се разбира внимавајќи поддршката на Владата да не го зголеми нивото на задолженост, да има некаква екстремна ситуација имајќи го предвид сегашниот пик на инфлацијата и зголемените цени. На пример, се наоѓаме во финалниот процес и се надевам дека во следните неколку недели ќе можеме да потпишеме за заем од 100 милиони евра со Развојната банка на Северна Македонија наменет за поддршка на малите и средни претпријатија во две димензии – една многу важна димензија е поддршка на владината програма за надминување на негативното влијание на руската агресивна војна во Украина и негативното влијание врз економијата и енергетскиот сектор. И за овие инвестиции имаме специфична компонента односно повеќе од 30 проценти од проектите исто така треба да бидат посветени на одржливост, климатски активности и адаптација, бидејќи се работи за комбинација на фактори. Значи поддршката за приватниот сектор, поддршката за малите и средните претпријатија за нас е од исклучителна важност и на овој начин обезбедуваме некаква ликвидност, поддршка на Владата во овие тешки времиња пред зимата, но и за самата економијата. Како поддржувач на многу проекти во државава го анализирате текот на нивното спроведување. Која е вашата оценка за нашите капацитети за навремено спроведување на проектите и за искористување на финансиите што ги добиваме? Она што можам да го кажам е дека имаме многу добра соработка со Владата, соработка што беше уште повеќе зајакната во изминатите месеци и минатата година, и ние сме навистина посветени да ја поддржиме владата во спроведување на различни програми, проекти или иницијативи за продолжување на изградбата на важна стратешка инфраструктура, како што се патишта, железници, инфраструктура поврзана со животната средина, како што е заемот за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води што го потпишавме денеска, како и обезбедување на конкретна наменска поддршка за технички и финансиски совети кај различни инструменти. Целта е од една страна, да се изградат капацитетите на ресорните министерства во спроведувањето, но и поддршка во подготовка на проектите, вклучително и дизајн на проектот, изработка на тендерска документација, воспоставување на проектна единица за спроведување, споделување на знаења итн. Ова претставува уште еден важен елемент бидејќи и покрај силната заложба на Владата да спроведува и реализира проекти, на што работат многу напорно, сепак им е потребна одредена поддршка за забрзување на нивното спроведување. Затоа сме ние тука да ја дадеме таа техничка помош и советодавна поддршка, за да се обезбедат вистинските тимови и дека има континуитет, така што идните проекти што се во подготовка веќе да имаат изградени капацитети во ресорните министерства. Каде сметате дека треба да има подобрување за целосна имплементација на проектите?  Секако, покрај потпишувањето на сите договори и преземањето обврски, важна е распределбата на средствата, реализацијата и спроведувањето на проектот. Сме увиделе случаи каде имаме многу добри тимови кои спроведуваат проекти, а кај други за жал се уште се соочуваме со застои што се должат на оддолжени постапки за јавни набавки, прибирање на тендерски документации или, како што е случајот со станицата за третман на отпадни води во Скопје, и дополнителна советодавна поддршка и обука за вработените. Очекуваме Владата на Македонија да воспостави силни тимови кои се клучни за успешното спроведување на проектите. Во однос на следната година, нашиот клучен приоритет ќе биде да се поддржи Владата во реализација на неодамна најавениот енергетски пакет од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за регионот во износ од една милијарда евра како поддршка за надминување на енергетската криза. Ние сме подготвени да дадеме советодавна поддршка на Владата во подготовката на акцискиот план за праведна транзиција, со цел да се осигураме дека не само што ќе постои вистинска стратегија, туку и да се подготват добри, зрели, спроведливи проекти, за да можеме после да ја извршиме распределбата на средствата наменети за Северна Македонија.

новинар Лидија Велковска фото Дарко Попов снимател Срѓан Крстиќ                  

Остани поврзан