• среда, 25 декември 2024

„О2 Иницијатива” разочарани што Сиљановска-Давкова ќе ги потпише измените на Законот за урбанистичко планирање

„О2 Иницијатива” разочарани што Сиљановска-Давкова ќе ги потпише измените на Законот за урбанистичко планирање

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Невладината „О2 Иницијатива“ синоќа преку објава на социјалните мрежи соопшти дека се разочарани од најавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието.  

Од „О2 Иницијатива“ велат дека од претседателката на државата очекувале принципиленост и доследност во застапување на правните принципи поради важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа.   

 -Со големо разочарување ја слушнавме најавата на претседателката Сиљановска – Давкова, за нејзината одлука да го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање. Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: „училишта, градинки, болници“, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени, се наведува во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

„О2 Иницијатива“ ја потсетуваат Сиљановска-Давкова дека пред три години пратениците со 72 гласа „за“, три „воздржани“ и само пет „против“ го изгласале Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (познат како т.н. легализација на дивоградби) и кој не бил потпишан од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

-Повеќе граѓански здруженија од тогашниот претседател Пендаровски побаравме тој да не го потпише Указот за прогласување на овој закон. Пендаровски не го потпиша Указот, без оглед на огромното мнозинство пратеници кои тогаш застанаа зад законот. Тој закон не беше повторно изгласан, бидејќи предлагачот, Владата, односно министерството за транспорт и врски, го повлече. Ваквото ваше резонирање е тажно, затоа што ако се работеше толку за училиштата, градинките, болниците и реализација на помошта за општините, ќе беше донесена нова измена која ќе ги опфатеше само овие категории, после одржана јавна расправа за која и самата како пратеник сте се залагале, велат од „О2“. 

Според „О2 Иницијатива“ прифаќањето на објаснувањето од министерот за транспорт Александар Николоски дека измените се привремени и преодни е несериозно, бидејќи, како што велат се работи за закон кој ќе биде на сила сè додека не биде донесен нов. 

-Колкав ќе биде тој временски период никој не знае, но едно е сигурно: нема да биде краток. Дотогаш ќе ги видиме жестоките реперкусии на стапување во сила на околу 600 урбанистички планови изработувани повеќе од четири и пол години по застарени податоци и неважечки закони и правилници, најчесто иницирани и инвестирани од приватни инвеститори кои се грижат исклучиво за својот личен интерес. А катните гаражи ќе никнат на зелени површини каде колку толку сè уште можат да играат деца, велат од  „О2 Иницијатива“.  

Оттаму наведуваат дека изедначувањето на нивното прифаќање на покана во „пет до 12“ за присуство на комисија, со цел да го образложат нивниот став зошто се против, воопшто не е исто со одржување на јавна расправа каде стручната јавност, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни имаат можност да го дадат своето мислење, за потоа да се сумираат мислењата и да се вклучат во законското решение. 

Од „О2 Иницијатива“ потсетуваат дека со барање да не го потпишува Указот до претседателката на државата се обратиле повеќе од 25 граѓански здруженија и иницијативи и повеќе од 50 индивидуални граѓани, меѓу кои и познатата архитектка Даница Павловска-Циги. 

 -Вие решивте да ги игнорирате аргументите кои сите ние ги имаме и селективно да ги уважите аргументите на министерот кои се однесуваат само на една од бројните измени во овој закон. Голема штета е што ова е една од првите одлуки на оваа за Вас, нова позиција, со која ќе бидете неславно запаметена. Го кажавте Вашето, на наше големо разочарување. Сега бидете сведок на последиците, велат од „О2 Иницијатива“. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера најави дека ќе го  потпише указот за прогласување на  измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието, но го повика ресорниот министер веднаш да почне со работа за подготовка на нов закон со учество на невладиниот сектор и опозицијата со цел, како што рече, да се решат проблемите со хаосот во урбанизмот. 

На новинарско прашање  по повикот од граѓанските организации да не го потпишува указот, Сиљановска Давкова изјави дека министерот за транспорт Александар Николоски и ги образложил причините за законските измени и кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Нагласи дека зад законот има 64 пратеници,  а се осврна и на текот на расправата за законот во матичната собраниска комисија и на пленарната седница, неподнесените амандамни и отсуството на дискусија. 

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно во истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија,  без амандмани и без дискусија од пратениците. Забелешки  изнесоа претставници на „О2 иницијативата“, кои заедно со повеќе други невладини организации вчера апелираа претседателката да не го потпишува Указот за Законот. 

Според граѓанските организации, со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се носат застарени ДУП-ови чии параметри и мерења нема да одговараат на реалноста и ќе се уништува јавен простор. Наспроти нив, власта тврди дека главна причина за измените е поедноставување на процедурите за реализација на објектите што ги планираат општините со средствата што ќе ги добијат од пакетот средства обезбедени со ребалансот на Буџетот.фф/дма/

Фото: МИА Архива/Фб на О2 иницијатива

Остани поврзан