• среда, 25 декември 2024

ОЈО Скопје поведе постапка против 39-годишен осомничен за изнуда

ОЈО Скопје поведе постапка против 39-годишен осомничен за изнуда

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 39-годишник осомничен за кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, како што информира ОЈО Скопје, на 10 август, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со употреба на сериозна закана присилил еден оштетен на штета на својот имот да му даде паричен износ од 7.000 евра.

Откако во текот на јули, две жени со кои оштетениот имал претходни деловни односи во врска со препродажба на опрема за копање на криптовалута, го запознале осомничениот со оштетениот и му ги дале неговите контакти, тој закажал средба со него и започнал да му се заканува дека ќе го загрози неговиот живот и тело како и на неговите блиски доколку не му ги исплати парите за наводен долг од 16.500 евра кон двете жени.

- Му се заканувал дека ако не соработува ќе му влезе дома и ќе му го нападне семејството и децата, а во една прилика и директно физички го нападнал на паркинг пред работното место, удирајќи го со тупаници. Откако се договориле за време и место за првата рата од исплатата, оштетениот го пријавил и осомничениот бил затекнат при приемот на парите од изнудата, се вели во соопштението од Обвинителство.

Од ОЈО Скопје, информираат дека бидејќи има околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерките на претпазливост кои се неопходни за непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи на осомничениот да му бидат определени: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните или други исправи за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица. аа/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан