• четврток, 26 декември 2024

ОЈО Кавадарци со обвинителен акт за семејно насилство со смртни последици во Неготино

ОЈО Кавадарци со обвинителен акт за семејно насилство со смртни последици во Неготино
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор и предлог за определување мерка за безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа на едно лице, кое е обвинето дека сторило кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 4 во врска со став 2 и став 1, како и во врска со член 63 од Кривичниот законик. Обвинетиот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на 2 август, во состојба на битно намалена пресметливост и со присуство на 1,94 промили алкохол во крвта, извршил семејно насилство врз една оштетена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. По вербална расправија, појаснуваат во соопштението, тој најпрво со бокс и тврди предмети ја удирал по главата, лицето и телото, а потоа ја турнал кон туш кабината, при што оштетената се здобила со телесни повреди од кои на 6 август починала на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. - Со оглед на тоа што вештачењата покажаа дека обвинетиот го сторил делото во состојба на битно намалена пресметливост, надлежниот јавен обвинител му предложи на судот, освен изречената кривична санкција, да определи и дополнителна мерка за безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.​ цр/аа/

Остани поврзан