• вторник, 19 ноември 2024

ОЈО Битола иницира истрага за уништување на дел од археолошкиот локалитет Влаху во Живојно

ОЈО Битола иницира истрага за уништување на дел од археолошкиот локалитет Влаху во Живојно

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство - Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице под сомнеж за уништување на источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влаху во селото Живојно.

- Во периодот од ноември 2022 година до 03.03.2023, во селото Живојно, општина Новаци, првопријавениот, како одговорно лице во правното лице, презел дејствија со кои ја уништил источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влаху во селото Живојно. Локалитетот претставува регистрирано недвижно добро, дел од археолошката мапа на Македонија и се наоѓа во опфатот на концесиското поле определено со Одлуката на Владата за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – јаглен, на осомниченото правно лице, се вели во соопштението на ОЈО - Битола.

Како што информираат од Обвинителството, иако првопријавениот знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште во кое не смее да се врши експлоатација, сепак во горенаведениот период, без да ги почитува одредбите од член 13 од Договорот за концесија и насоките дадени од претставниците на НУ Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, ангажирал подизведувач на кого му дал насоки да започне со експлоатација на јаглен.

- Како резултат на тие активности во целост е уништена источната периферија на археолошкото наоѓалиште, што е констатирано на лице место од овластени службени лица од Управата за заштита на културно наследство и од НУ Завод и музеј Битола, се додава во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд - Скопје достави предлог за изрекување мерка за обезбедување кон правното лице - забрана за вршење дејност вадење на камен јаглен, а ваквата забрана, како што велат од обвинителството, е побарана бидејќи понатамошното ископување на земја од подрачјето може да доведе до целосно оштетување на целиот археолошки локалитет Влаху.

Во поднесениот предлог укажано му е на Судот дека заради исклучително длабокиот укоп кој веќе е направен и со кој е уништена источната периферија на локалитетот, возможно е еродирање на археолошките содржини и дополнително уништување на други делови од археолошкиот локалитет.

Дополнително, во рамките на истото концесиско поле има уште два локалитети кои подлежат под истиот режим на заштита. Со оглед на тоа што концесионерот, со своето однесување покажа дека нема намера да ги почитува законските и договорните обврски за заштита на културното наследство.

Со оглед на однесувањето на концесионерот, како што информираат од ОЈО Битола, јавниот обвинител оцени дека постои реална опасност и уште две други локалитети кои подлежат под истиот режим на заштита да бидат неповратно уништени доколку ископот не се забрани. сх/сп/

Фото: Архива

Остани поврзан