• четврток, 26 декември 2024

Оштетени садови за отпад на пешачко - рекреативната зона во Крива Паланка

Оштетени садови за отпад на пешачко - рекреативната зона во Крива Паланка

Крива Паланка, 3 јули 2024 (МИА) - Комуналните служби од Општина Крива Паланка и Јавното претпријатие „Комуналец", алармираат за намерно оштетување на повеќе садови за отпад поставени долж пешачко-рекреативната патека „Бабин Дол" што води кон манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски" во градот и други локации.

-Како јавно претпријатие надлежно за одржување јавна хигиена и одржување на јавните зелени површини и пешачки патеки, деновиве сме соочени со оштетување  и уништување на урбана комунална опрема, садови за отпад  поставени покрај пешачките патеки во градот. Покрај пешачката патека во „Бабин дол“ и покрај пешачката патека на магистралната улица, очигледно со намера, се оштетени и руинирани над 20 садови за отпад поставени на канделабри или соодветни столбови. Додека ние заедно со локалната самоуправа на Крива Паланка секојдневно вложуваме максимални напори животната средина и природата да ни бидат чисти и уредни, постојано се залагаме да ги одржиме зелените површини, да обезбедиме  што повеќе соодветни садови за правилна селекција на отпад или депонирање смет, притоа, да обезбедиме нивно навремено празнење и собирање отпад, некое или некои лица се однесувале деструктивно и вандалски, оштетувајќи дваесетина висечки садови за отпад. Оштетените садови се јавно добро, набавени се со пари на граѓаните и затоа сите треба да бидеме опшествено одговорни. Да бидеме свесни и совесни и тоа што е негативно, што се прави со намера. Во случај на забележување такви појави, се молат граѓаните благовремено да ги известат надлежните служби, апелираат од ЈП „Комуналец", Крива Паланка.

Од службите во Општина Крива Паланка посочуваат дека континуирано се прават напори за одржување на чиста, зелена и уредена општина.

Во февруари годинава „Пакомак" и „Балкан ЕКО институт" ја рангираа Општина Крива Паланка на второ место во државата за „Најеколошка општина за 2023", со што заложбите за чиста и зелена општина се препознаени, даваат резултати и носат позитивен имиџ на градот.

-Да не дозволиме несоодветното однесување на поединци да ја наруши сликата што ја има општината, изградена со секојдневната работа на надлежните институции, порачаа од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка. ид/дма/

Фото: Општина Крива Паланка

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан