• петок, 27 декември 2024

„Охрид SOS“: Се спроведуваат активности за уривање на ресторанот „Парк“ и изградба на нов хотелски објект

„Охрид SOS“: Се спроведуваат активности за уривање на ресторанот „Парк“ и изградба на нов хотелски објект
Охрид, 22 февруари 2021 (МИА) – Активисти на Граѓанската еколошка иницијатива „Охрид SOS“ тврдат дека добиле информации оти се спроведуваат подготвителни активности за уривање на ресторанот „Парк“ и изградба на друг објект на истото место. Станува збор за ресторан изграден некаде на крајот на 80-те години на минатиот век, сместен во месноста „Горица 1“ каде порано се наоѓаше Паркот на лалињата и на гребот на Охридското Езеро. Според информациите на „Охрид SOS“, на местото на ресторанот било предвидено да се гради нов хотелски објект. Активистите од иницијативата предупредуваат дека може да се случат и манипулации околу целата процедура на начин како што тоа се случи и со хотелот „Парк“ во непосредна близина, на чие место никна огромен станбен објект и со узурпација на крајбрежјето на езерото. Ресторанот „Парк“ е дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него во 1989 година добива специјално признание на Биеналето на Македонската архитектура. Според постоечката документација со која располагаат од „Охрид SOS“, објектот се наоѓа во рамките на катастарската парцела 5972/3, дел од катастарска општина Охрид 4. Во податоците за објектот стои класа А2-1 што според Правилникот од најновиот Закон за урбанистичко планирање е „мали станбени згради до 10 станбени единици слободностоечки“. Класа А2 се станбени згради и сигурно немало драстични измени во класифицирањето и според старите закони. -Некако нема логика зашто А2 не е ни според намената на објектот претходно, или во меѓувреме се направени одредени измени. Со право стравуваме, имајќи предвид колкав беше по обем и висина некогашниот хотел „Парк“ а колкаво здание се издигна потоа, узурпирајќи го брегот и некогашното пристаниште пред хотелот (како јавен простор), а дополнително користејќи државно земјиште каде што се базенот и игралиштата, за што досега не сме добиле информации од институциите на каков начин и под кои услови им е отстапено на користење, посочуваат од иницијативата „Охрид SOS“. Уште се посочува дека објектот е во прва зона или во рамки на појасот од 50 метри од КП Охридско Езеро каде, според планот за управување, забранета е надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови. Од „Охрид SOS“ најавуваат дека ќе побараат информации од надлежните институции да се утврди што навистина се случува, дали се работи спротивно наводните заложби на македонските институции за исполнување на препораките на УНЕСКО за заштита на Охрид и Охридското Езеро како светско кулутрно односно природно богатство.аб/бт/

Тагови

Остани поврзан