• недела, 24 ноември 2024

Охрид полн за Нова година, блеска со својот раскош и убавина

Охрид полн за Нова година, блеска со својот раскош и убавина

Охрид, 31 декември 2022 (МИА) – Новогодишните празници го наполнија најголемиот туристички центар во земјава. Блеснат со сета своја убавина, Охрид подготвено ги дочека гостите од земјава и странство. Покрај домашните посетители најчести се туристите од соседството, кои одлучиле најлудата ноќ да ја поминат на охриско-струшката ривиера.

Зголемена раздвиженоста се бележи во чаршијата, на градскиот кеј, но најмногу низ улиците.

Покрај дочекот во кафулињата, рестораните и хотелите, организиран пречек на Новата Година ќе има и на градскиот плоштад со настапи на Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.

Новогодишната програма ќе почне денеска напладне со настап на хорот при КУД „Гердан“, а од 13 до 15 часот ќе има новогодишна театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“. Новогодишната програма ќе продолжи утре точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“, како и изведба на проектот „И повторно Евергрин“, со Лидија Кочоска, Влатко Груевски и Андреа Наунов.

Градоначалникот Кирил Пецаков вети весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид и ги покани сите да бидат дел од новогодишната забава во градот.

Во соседна Струга, пак, организиран дочек на најлудата ноќ нема да има, но градот блеска со светилки и новогодишни реквизити низ центарот, чаршијата, новото шеталиште и кејот на реката Црн Дрим. И таму раздвиженоста е голема, пред се поради враќањето на печалбарите, кои новогодишните празници ќе ги поминат во родното огниште.

Помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани се целосно исполнети, додека хотелите, оние што работат, останаа полупразни. сс/бак/

Остани поврзан