• среда, 27 ноември 2024

Охрид полн во шпицот на летната туристичка сезона

Охрид полн во шпицот на летната туристичка сезона

Охрид, 31 јули 2023 (МИА) – Престојните празници и летните горештини го наполнија Охрид и ривиерата со гости. Традиционално, Охрид шпицот на туристичката сезона го достигнува токму за празникот „Илинден“, така што градот и туристичките населби повторно наликуваат на подобрите сезони кога во градот се бараше легло повеќе.

Плажите на езерото се полни со туристи, чаршијата во градот е тесна да ги прими сите посетители. Најмногу странски туристи има по т.н. кружни тури, кои секојденвно го запоседнуваат Стариот дел на Охрид при обиколка на културно-историските споменици и најатрактивните локалитети низ градот. 

Убедливо најбројни странски туристи во Охрид оваа сезона се оние од Турција, но најчесто тие во градот се само на ден, два. Организирано во Охрид оваа сезона летуваат најмногу туристи од Полска, Холандија и од соседните земји.

За дополнителна посетеност секако придонесуваат и бројните културни настани и забавни содржини, концерти што традиционално се организираат околу Илинденските празници. 

Зголемена е и фреквенцијата возила, се создаваат тесни грла во одвивањето на сообраќајот, тесните градски и приградски улици и патишта тешко го примаат тој огромен наплив возила така што кон и од плажите се вози бавно и во колони.

Она што е карактеристично речиси за секоја летна туристичка сезона е некоректниот однос на дел од гостите кои своите возила ги паркираат надвор од пропишаните места за да не платат паркинг, како и неводењето сметка за хигиената и фрлање отпадоци насекада, по улиците, парковите, па и во езерото. 

Екипи на градските комунални претпријатија секојневно уште од зори се на терен и го собираат ѓубрето, но сепак останува впечаток дека генерално свеста за потребата од грижа за околината е на незадоволително ниво. аб/цр/

Фото:МИА

 

Остани поврзан