• четврток, 26 декември 2024

Охрид одбележува 78 години од ослободувањето на градот

Охрид одбележува 78 години од ослободувањето на градот
Охрид, 7 ноември 2022 (МИА) - Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата, истакна градоначланикот Кирил Пецаков на свеченоста по повод 78 години од ослободувањето на градот. Навраќајќи се низ историјата, нагласи дека жртвата на хероите, како што рече, не обврзува да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. - Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се стававме на страна на демократските и просперитетни државни заедници. Уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации, истакна Пецаков. За потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Љубиша Машановиќ, 7 Ноември е Денот кога Охрид слави за успехот, храброста и херојството, но, и денот, кога се искажува почитта кон жртвите, кои го положија животот за слободен Охрид, за слободна Македонија. - Седми Ноември е празник на идеалот за слобода и правда на нашиот град. Тој идеал не води и ден денес во оставрување на подобра сегашност, иднина на младите поколенија. На овој голем празник да се потсетиме дека без почит кон минатото нема ни просперитетна сегашност ниту подобра иднина, рече Машановиќ. Секоја генерација, нагласи, има своја борба и свој стремеж, кон подобар и подостоинствен живот. - Нека овој ден биде потсетник дека во животот секој ден е борба, борба за подобар живот, борба за градење на подобро утре, поздраво општество, борба за политичка стабилна економски напредна држава со светла иднина и безбеден дом за сите наши граѓани, додаде Машановиќ. Во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Охрид, беше положено цвеќе пред обележјата на борците од НОБ во спомен-паркот на револуцијата, кај Градските гробишта, во Градски парк, пред Основен суд и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, како и пред споменикот на Јасна Ристеска во селото Рамне. Чествувањата ќе продолжат со приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ и седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“. сс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан