• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Охрид го чествува ликот и делото на револуционерот Кирил Прличев

Охрид го чествува ликот и делото на револуционерот Кирил Прличев

Охрид, 28 февруари 2025 (МИА) – Градот Охрид денеска со свечен настан се потсети на ликот и делото на македонскиот револуционер, публицист, учител и идеолог, Кирил Прличев, внук на охридскиот поет Григор Прличев.

На свеченоста организирана по повод 150-годишнината од раѓањето на Кирил Прличев, одржана во спомен домот на Христо Узунов, беше посочено дека Кирил е еден од оние луѓе кои несебично се вложиле за слободна и самостојна Македонија.

Како што рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, во колективната меморија на Македонците Кирил Прличев нема да остане запомнат само како револуционер, туку и како сестран општественик, кој до своите пензионерски денови работи во Охридскиот музеј, човекот кој ги откри моштите на словенскиот светител и просветител Климент Охридски. 

- Повеќе од очигледно дека Прличевата лоза и се што е врзано со неа оставила силен печат во охридското и македонско време испишувајќи битни делови во македонската култура и историја. Ако по книжевниот великан Григор  кој со Сердарот ги затвори злите усти на светските елити кои меѓусебе шепотеа за  достигнувањата на скромниот охриѓанец и покажа дека духовната слобода е наша,  тогаш неговиот син Кирил докажа дека ние мора и територијално да бидеме самостојни и свои, рече Божиноски пред присутните на настанот. 

На свеченоста присуствуваше и внукот на Кирил Прличев, кој рече дека навистина е горд што е потомок на човекот кој сиот свој живот го има посветено за ослободување на Македонија.

- Кога зад човек стојат достоинствени дела, не може неговите наследници да не се горди на нив. Мојот дедо Кирил целиот свој живот го има посветено на ослободувањето на Македонија. Се што можел да стори за остварување на тоа тој го направил. Можеби неговите идеали биле малку поинакви од денешната реалност, тој сакал автономија на целата македонска земја, но во секој случај, неговата борба за ослободување на Македонија е неспорна, поддржана со документи, рече Кирил Прличев.

Настанот беше збогатен со изведба на драмата „Борба за иднината“, во чии рамки беа презентирани сцени и дијалози меѓу Григор и Кирил Прличев, пред се цитати што говорат за неговото револуционерно и учителско дело. аб/мд/

фото: МИА

Остани поврзан