• сабота, 09 ноември 2024

Охридските еколози категорично против формата јавно претпријатие да управува со Охридското Езеро

Охридските еколози категорично против формата јавно претпријатие да управува со Охридското Езеро

Охрид, 14 септември 2023 (МИА) – Во просториите на Општина Охрид денеска се одржа јавна расправа по Нацрт-законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III-Споменик на природата.

Актот за прогласување на заштитеното подрачје Охридско Езеро содржи назив на заштитеното подрачје или природната реткост, категорија на заштита за заштитеното подрачје, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје, граници на зоните кои постојат во рамките на заштитеното подрачје, потоа типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита и субјект што ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување.

Од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање беше посочено дека со донесување на Законот за репрогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствена природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

- Охридското Езеро е заштитено со закон уште од 1977 година... Од тогаш досега конкретно за Охридското Езеро немавме определено субјект за негово управување. Целиот овој период езерото беше без субјект што ќе управува со него и ќе работи за негова заштита. Токму отсуството на субјект што ќе управува се случија многу непријатни работи, иако е на листата на УНЕСКО. Засилена урбанизација, депонии, дивоградби, настана хаотична ситуација каква што не заслужува природно добро со универзални светски вредности. Предноста на овој закон е во тоа што дури сега ќе се формира јавно претпријатие за управување со езерото, со чуварска служба за постојан надзор на се она што се случува на крајбрежјето, што ќе го штити езерото и ќе санкционира неправилности, рече Васил Анастасовски, претседател на Друштвото за заштита на природата на Македонија.

Според директорката на Хидробиолошкиот завод во Охрид, Орхидеја Тасеска, репрогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата е од големо значење оттаму што на тој начин во законски рамки се става управувањето со ресурсот.

- Важен чекор во тоа е донесувањето на менаџмент-планот  за управување со Охридското Езеро, доколку бидат испланирани сите чекори во насока на негова заштита, дотоколку повеќе што се работи за комплексна област за управување, истакна таа.

Тасеска позитивно гледа на тоа што легислативата предвидува тело што ќе управува со ресурсот.

- Тоа беше еден од ехндикепите изминатите години, немаше тело што ќе ги спроведува препораките на менаџмент-планот. Ингеренциите беа префрлани на една или друга страна дали локално или на централно ниво и не можеше да се најде заеднички јазик за спроведување на сите мерки за заштита, рече таа.

Управувањето со ресурсот не предвидува само следење на состојбите со еко-системот со препораки за заштита, туку се работи за комплеска активност со административни процедури, стратегија за туризам, комунални дејности...

- Управување со езеро е комплексна задача. Ние како хидробиолошки завод односно научна установа, немаме капацитет ниту административни кадри и потенцијал да се носиме со таков предизвик. Но, секако ќе настојуваме во сите тела што ќе управуваат со ресурсот да има претставници на Хидробиолошкиот завод, затоа што сме една од најважните институции барем во советодавна, ако не во правна и извршна улога, рече Тасеска.

Нацрт-законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природата е изработен согласно Студијата за валоризација која ги детерминира природните вредности на подрачјето. 

Претставниците на невладините организации и еколошките здруженија од регионот категорични против одредбите на нацрт-законот што предвидуваат формирање јавно претпријатие како субјект што би управувал со езерото. Според нив, за првпат во историјата на Охрид и Охридското Езеро под формата управување, интенција е езерото да биде дадено некому на стопанисување.

- Охридското Езеро е јавно добро, заштитено од природен аспект заради својата универзална вредност, според меѓународни организации. Ние како граѓански организации нема да дозволиме формирање било какви јавни претпријатија, што ќе бидат управувани од партиски луѓе и ќе работат според партиски интереси, рече еколошкиот активист, Никола Киселинов.

Тие сметаат дека има професионални институции што можат да управуваат со ресурсот, како Заводот и музеј или Хидробиолошкиот завод.

- Нека направат институција заштита на Охридското Езеро, а не јавни претпријатија. Министерство за животна средина не е способно да го заштити езерото. Кое јавно претпријатие функционира позитивно, ниту едно. Утре ќе се случи тоа јавно претпријатие да земе кредит од банка и потоа отиде езерото, го продадовме. Тоа ние нема да го дозволиме, рече тој.

Според невладините и граѓанските здруженија, веќе постојат десеттици закони што го штитат Охридското Езеро, но истите не се имплемкентирани.

- Институциите не се способни нив да ги имплементираат и сега се измислува нов закон. Функционирање на институциите, ништо друго. Тоа јавно претпријате ќе биде предмет на корупција, рече Киселинов. аб/нд/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан