• среда, 25 декември 2024

Официјален Мадрид негира дека посредувал во потпишувањето на писмото со кое Гонзалес ја прифаќа победата на Мадуро

Официјален Мадрид негира дека посредувал во потпишувањето на писмото со кое Гонзалес ја прифаќа победата на Мадуро

Мадрид, 19 септември 2024 (МИА) - Шпанија денеска негираше дека учествувала во разговорите меѓу венецуелскиот опозициски лидер Едмундо Гонзалес и владата на претседателот Николас Мадуро пред тој да замине за Шпанија, кога наводно тој потпишал писмо во кое ја прифаќа победата на Мадуро на изборите во Венецуела.

Британските медиуми наведуваат дека писмото вклучува обврска за ограничување на неговата политичка активност во Шпанија и е потпишано во резиденцијата на шпанскиот амбасадор во Каракас, каде Гонзалес се засолни пред неговото заминување од Венецуела.

На прес-конференцијата одржана вчера, шефот на венецуелското национално Собрание, Хорхе Родригез, презентираше отпечатени фотографии од, како што рече, моментот кога документот бил потпишан во негово присуство, како и фотографии од неговата сестра, потпретседателката Делсеа Родригез и шпанскиот амбасадор во Венецуела, Рамон Сантос.

Гонзалес, кој претходно овој месец доби политички азил во Шпанија, во видео порака објавена вчера рече дека писмото е потпишано под „принуда, уцена и притисок“.

Заменик-секретарот на шпанската опозициска Народна партија (ПП), Естебан Гонзалес Понс, денеска изјави дека Мадрид бил соучесник во отстранувањето на Гонзалес од Венецуела, со што се осигурал дека Мадуро останува на власт.

-Покрај тоа што гледаме некој како уценува во живо, јасно е дека Шпанија е вмешана во овековечувањето на Мадуро како диктатор, рече Гонзалес Понс.

Шпанското Министерство за надворешни работи денеска одговори дека земјата нема никаква врска со писмото или преговорите за заминување на Гонзалес од Венецуела.

Кога Гонзалес побарал да биде примен во резиденцијата на шпанскиот амбасадор, му било гарантирано дека ќе може да се види со кого сака и да направи се што е потребно во врска со неговата ситуација, се додава во соопштението на шпанското МНР.

Шефот на шпанската дипломатија му дал директни инструкции на амбасадорот во Каракас да не се меша во какви било чекори што може да ги преземе лидерот на опозицијата, се наведува во соопштението.

Гонзалес ја напушти Венецуела откако беше издаден налог за апсење со кој се товари за заговор и други постизборни злосторства.

Националната изборна комисија на Венецуела го прогласи Мадуро за победник на претседателските избори на 28 јули, предизвикувајќи обвиненија за измама и протести додека опозицијата ги објавуваше резултатите од гласањето на интернет што покажуваат дека Гонзалес победил.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан