• недела, 24 ноември 2024

Офицерскиот дом во Битола се прогласува за културно наследство од особено значење – подкатегорија големо значење

Офицерскиот дом во Битола се прогласува за културно наследство од особено значење – подкатегорија големо значење
Битола, 1 јули 2022 (МИА) - Офицерскиот дом во Битола, изграден во 1912 година, кој претставува споменик на културата, се прогласува за културно наследство од особено значење, подкатегорија големо значење, изјави министерката во Министерството за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. На прес-конференција во Битола, министерката Костадиновска Стојчевска нагласи дека Одлука за прогласување на Офицерскиот дом во Битола за културно наследство од особено значење, подкатегорија големо значење, ја донесе  Владата на предлог на  Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство. - Со одлуката обезбеден е највисок режим на заштита кој подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба, создавање на поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво, ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација, оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање, истакна Костадиновска Стојчевска. Во изјава за медиумите министерката предочи дека игнорантскиот однос кон значењето и вредноста на овој објект заврши минатата година во мандатот на оваа Влада откако беа усвоени ревалоризацијата на предметното добро од надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши Комисија формирана Управата за заштита на културното наследство. - Со највисокиот степен на заштита, трајно ќе биде чуван овој редок и значаен архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување. А, со содржините кои почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на Широк сокак,  како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава, посочи Костадиновска Стојчевска. На прес-конференција во Битола, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека Офицерскиот дом е култно место за битолчани и како локална самоуправа ќе продолжат да ги негуваат традициите врзани со тој велелепен објект. - Како локална самоуправа практицираме Офицерскиот дом да биде репрезентативно место со кое се велича културата. Ова е место каде се одржува БитФест, односно битолското културно лето, а наскоро ќе биде и Европска Куќа. Ние ќе го надрградуваме ова место за да го добие целосниот сјај што го заслужува, истакна Коњановски. мт/сп/

Остани поврзан