• среда, 13 ноември 2024

Откупувачите на ориз на средба со Димковски – од квалитетот на реколтата ќе зависи откупната цена

Откупувачите на ориз на средба со Димковски – од квалитетот на реколтата ќе зависи откупната цена
Кочани, 15 септември 2022 (МИА) - Претставниците на откупно-преработувачките претпријатија за ориз на денешната средба со заменик министерот за земјоделство Трајан Димковски беа воздржaни за висината на откупните цени и ќе чекаат да почне новата жетва за да се види квалитетот и приносите на овогодишната реколта. Истакнаа дека се соочуваат со драстично зголемени трошоци за сушење и преработка на оризот, особено поради енормно високите цени на струјата, натрупаните залихи ориз од минатата година и неконкуретните цени за извоз. -Кај откупувачите има неизвесност каква ќе биде овогодишната жетва, додека комбајните не влезат и не се види со колкава влага ќе биде зрното, колкав рандман ќе дава, каков ќе биде приносот од единица површина и слично, не може да се каже цената. Она што сите нè интересира е дека откупната цена ќе се базира на квалитетот и влажноста, со оглед што таа е повисока на почетокот на жетвата, но извесен оптимизам даваат најавите дека ќе можат да се задржат постојните странски пазари и покрај конкуренцијата од увоз со бродски контејнери од трети земји. Во соработка со Институтот за ориз во наредните неколку денови ќе ја имаме производната цена, врз основа на што ќе имаме дополнителни состаноци со оризопроизводителите и со откупувачите заедно, по што очекуваме поцврст договор за откуп. Откупувачите се пожалија на трошоците за струја што им се зголемени за пет-шест пати, како и со недостиг на работна рака. Моето оптимистичко сценарио е дека идната недела, по следниот состанок, кога ќе ги имаме фактите и аргументите од двете страни, ќе може да се очекува и почеток на откупот, истакна заменик министерот Димковски. Согледувајќи го сегашното движење на цените на домашниот и на странските пазари, откупувачите истакнаа дека максималната цена што би можеле да ја пoнудат е околу 26 денари за килограм арпа, што ќе зависи од сортата, квалитетот на зрното, односно влажноста и количината бел ориз што ќе се добие по лупењето. За идната недела е најавена заедничка средба на претставници на земјоделците и откупувачите, на која Министерството за земјоделство ќе посредува за постигнување меѓусебна согласност и договор за цените по кои ќе се откупува новото производство. та/мч/

Остани поврзан