• четврток, 26 декември 2024

Откриена лабораторија за амфетамин во Скопје и запленета дрога од половина милион евра

Откриена лабораторија за амфетамин во Скопје и запленета дрога од половина милион евра

Скопје, 17 март 2023 (МИА) - Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје извршија претреси на седум локации, при што приведени се пет лица, а пронајдена е лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога вредна речиси половина милион евра доколку биде продавана преку уличните дилери, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Приведените лица се од Скопје, а една од приведените е и наставничка во основно училиште.

Како што појасни Ангеловски, при претресот пронајдени се околу седум килограми амфетамин, околу еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, автоматска пушка калашников, рамки за пиштоли и за автоматска пушка, куршуми од различен калибар, списоци од евиденција на лица кои купувале дрога и кои должеле за наплата на дрогата.

Исто така, како што додаде, пронајдени се и четири возила кои биле употребувани при продажбата на дрога и пари кои се добиени од продажбата на оваа дрога.

Претходно, посочи Ангеловски, во месеците јануари, февруари и март под раководство на јавен обвинител од ОЈО Скопје спроведена е криминалистичка истрага, при што приведени се други три лица кои се поврзани со овој случај.

-Приведените лица подолго време на улиците на Скопје продавале синтетичка дрога афетамин како и други дроги, имале изнајмено станови во центарот на Скопје, како и во населбата „Ѓорче Петров“ и дрогата ја продавале по различна цена. На пример, амфетаминот го продавале за 2 илјади денари за грам, кокаинот за 3 илјади денари за грам, екстази таблета за 600 денари, а пакување марихуана за илјада денари, додаде Ангеловски.

Тој потенцира дека вакви акции МВР спроведува и во останатите градови во државата.

-Од почетокот на оваа недела имаме извршено 36 претреси и приведени 32 лица кои се занимаваат со продажба на дрога. И во наредниот период интензивно продолжуваме на сузбивање на оваа појава во интерес на граѓаните, додаде портпаролот на МВР.бт/

Фото/ МВР 

Остани поврзан