• четврток, 26 декември 2024

„Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, изложба на дела на Петар Хаџи Бошков во археолошкиот локалитет „Стоби“

„Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, изложба на дела на Петар Хаџи Бошков во археолошкиот локалитет „Стоби“
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ е насловена изложбата на дела на еден од најистакнатите македонски скулптори, Петар Хаџи Бошков, која ќе биде отворена на 18 септември со почеток од 18 часот во археолошкиот локалитет „Стоби“. Поставката, која претставува спој на два света – античкиот со модерниот, вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четири децениски период од 1962 до 2004 година. Кураторот и автор на концептот е Владимир Јанчевски, на денешната прес-конференција по повод најавата на изложбата, изјави дека е интересно тоа што иако припаѓа на модерната епоха, Хаџи Бошков, бил главно инспириран од претходните уметнички дела. - Во различните фази од неговиот опус, можеме да видиме различни влијанија дури и од египетската уметност, секако класичната грчка и римска уметност, меѓутоа, големината негова е што тие вредности се на тој начин трансформирани, што делата од неговиот опус припаѓаат во времето на кое што тој живеел, тој е современ автор во модерната епоха, рече Јанчевски. Дополни дека за модерната уметност е познато тоа дека се користи чистиот галериски простор, меѓутоа, кај Петар Хаџи Бошков е интересно тоа, за кое, како што кажа, сведочат негови изјави, а некои од постарите колеги, на маргините забележале дека „како тој да чувствувал потреба тие да излезат во отворен простор, а тоа можеме да го видиме и во неговата фотографска архива и делата од последната фаза, каде тој веќе сериозно размислува за просторот, за амбиентот, веќе не се работи само за една форма која треба да се постави изолирано, туку го вклучува контекстот“. Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, сподели дека изложбата ја планирале веќе две години и за нив било голем предизвик тоа што, преку изложбата, имаат за цел да го приближат стариот заштитен свет кон модерното доба. - Во овој случај, делата на Хаџи Бошков ќе зборуваат во поинаков простор, затоа што кога ќе се движите во просторот во локалитетот имате пред вас не само скулптури туку и остатоци од стариот Стоби, кое што има многу интересна релација помеѓу самите дела и заштитното културно добро, кажа Перовски. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ. Иницијативата за овој проект е на Националната установа за управување со археолошки локалитет Стоби - Градско, и се реализира во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“, со идеја да се заживее локалитетот и да се овозможи отворање нови перспективи во дијалогот со модерното наследство, како и со современата културна продукција. Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Игор Хаџи Бошков, синот на скулпторот, на настанот сподели дека оваа изложба не е само синтеза, туку и еден вид на излог на идејата на Хаџи Бошков како скулптор. - Најважно е тоа што тој го сфати светот во кој што живее, дека земјата нема граници и дека културата тука на Балканот не е национална туку е отворена и тој се поистоветува со културата од каде што доаѓа, изјави Игор Хаџи Бошков. Изложбата нема за цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање, врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен чинител, и значењето на локалитетот Стоби. Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед. Изложбата ќе биде отворена согласно актуелните владини препораки за заштита од Ковид – 19. На влезот од локалитетот, задолжително е приложување на сертификат за вакцина. ар/ац/  

Остани поврзан