• вторник, 24 декември 2024

Отворен 61. Балкански фестивал на народни песни и игри

Отворен 61. Балкански фестивал на народни песни и игри
Охрид, 7 јули 2022 (МИА) - Славењето на животот преку уметноста и артистичкото изразување е најубавиот начин на градење на пријателски мостови со целиот свет. Тоа е уште еден вид на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник - поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и ја заслужи нашата почит. Тоа го истакна потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски на отворањето на најстарата фолклорна манфестација на Балканот, 61. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Во име на Собранието, кое е покровител на традиционалната манифестација, која, како што рече, овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот, а и пошироко. - Нивното промовирање преку музика, песни и танци е голема умешност и јас ги охрабрувам сите вклучени институции и присутни изведувачи и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал, а ние ќе бидеме до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесување во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното, нагласи Мисовски. Музиката, фолклорот и игрите, според потпретседателот на Собранието, се универзална цивилизациска категорија и се дел од светското културно наследство меѓутоа, во исто време, тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет. - Вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, подвлече Мисовски. Ората и песните на годинашните учесници, додаде, ќе одекнуваат од величествената и единствена сцена на Долни Сарај, и ќе ја нарушуваат езерската тишина пренесувајќи ги прекрасните звуци на сите страни на светот. - Собранието на Република Северна Македонија, меѓу другите свои надлежности, има чест да биде дел и од ваквите традиционални и за наша среќа, долговечни културни настани кои го зачинуваат секојдневието на нашите граѓани со прекрасните автентични звуци, игри, танцови и традиционални носии кои имаат волшебна моќ барем за миг да не пренесат во различни светови, култури, обичаи, истакна Мисовски. Шеесет и првото издание на Балканскиот фестивал, според градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, повторно низ игра и песна ќе ги упати универзалните пораки на уметничкоот изразување за хуманизам, разбирање на различностите и презентирање на сопствениот идентитет, јазик и културно наследство. - Пораките денес се уште позначајни во време кога над Македонија се надвиснуваат сеништа на минатото, загрозувајќи ја иднината на нашиот народ. Верувам дека и ова издание на Фестивалот ќе го покаже милениумскиот цивилизациски белег на Македонците, како што тоа го покажуваат и нашите гости од Балканот и пошироко, рече Пецаков. Балканскиот фестивал на народни песни, нагласи, не е само македонски, туку е и светски културен трезор, во кого грижливо се чуваат богатствата на фолклорната традиција, не само на македонскиот туку и на многу други народи. Традиционално на сцената на Долни Сарај со целовечерен концерт настапи ансамблот „Танец“, а во наредните фестивалски денови свои настапи ќе имаат фолклорни друштва од земјават и од Албанија, Србија, Словачка, Босна и Херцеговина. сс/мд/

Остани поврзан