• четврток, 26 декември 2024

Отворен четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан во Подгорица

Отворен четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан во Подгорица
Подгорица, 11 октомври 2021 (МИА) - Четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан, посветен на соработката во областа на дигиталната трансформација во регионот и дигиталната перспектива во контекст на европската интеграција, беше отворен денеска во Подгорица. Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на почетокот на состанокот рече дека дигиталната агенда на Западен Балкан е доста амбициозна и интегрален дел од создавањето на заеднички регионален пазар за Западен Балкан, но дека регионот прави стабилни чекори кон нејзино исполнување. - Дигиталната трансформација е процес која бара инвестирање во луѓе, технологии и системи. Потребно е размислување надвор од рамките и барање иновативни начини за искористување на придобивките од новите технологии. Верувам дека овогодинешниот дигитален самит ќе биде основа за плодна дебата и постигнување важни договори, нагласи Брегу, јави известувачот на МИА од Подгорица. Обраќајќи им се на учесниците преку видео врска, Брегу посочи дека еден од конкретните резултати од дигиталната трансформација на регионот е укинувањето на роамингот на Западен Балкан од 1 јули годинава, додека процесот продолжува со конкретен план за намалување на цената на роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ до 2027 година. - Сите земји од Западен Балкан напредуваат, но ние се уште заостануваме зад она што нашите колеги го постигнаа во ЕУ. Кога станува збор за дигиталните вештини, две третини од луѓето немаат доволно вештини за да го користат дигиталниот свет, а една петтина користи интернет за да се поврзе со јавните услуги во 2019 година. Овие бројки, се зголемија со пандемијата, но се уште треба да работиме, рече Брегу. Според неа, на самитот во Подгорица ќе се разговара и за подобрување на дигиталната инфраструктура за да се обезбедат „побрзи, полесни и поевтини услуги за сите граѓани“, како и потребата од воспоставување „слободен проток на податоци како дополнителна, петта слобода на заеднички пазар со слободен проток на луѓе стоки, капитал и услуги". - Без хартија, дигитално, без граници. Ова се синоними за побрзи, полесни и поевтини услгуги за сите граѓани, нагласи Брегу. Таа исто така објави дека на самитот во Подгорица, шест победници на регионалниот онлајн натпревар Балкатон 2021 за најдобро дигитално решение, организиран од Советот за регионална соработка, од шест економии на Западен Балкан ќе ги претстават своите победнички апликации. - Балкатон е убав пример како дигитализацијата ги зближување младите луѓе заедно со цел креирање на нови и иновативни дигитални решенија. Шест победници, по еден од секоја економија на Западен Балкан, утре за првпат ќе ги претстават своите апликации на кои работеа изминатите неколку месеци, изјави Брегу. Генералниот директор на Генералната дирекција на Европската комисија за комуникациски мрежи, содржина и технологија Роберт Виола, на отворањето ја истакна важноста на дигиталните вештини, наведувајќи дека за десет години тие ќе бидат неопходни за работа. -Секој ќе треба да ги совлада дигиталните деловни вештини. Важно е тоа да се вклучи во образовните планови и наставниот систем со цел успешно да се соочиме со предизвиците во иднината. Затоа е важно ние, како Европа, да ги постигнеме целите до 2030 година - сите граѓани да имаат пристап до интернет по прифатливи тарифи, да имаат голема брзина и да биде лесно достапен насекаде, рече Виола. Порача дека ЕУ ќе продолжи со поддршката и заедно со европските фондови, ќе работи кон исполнување на целите на дигиталната декада и за граѓаните од регионот на Западен Балкан. - Европскиот дигитален ковид сертификат покажа дека администрацијата може да испорача ефикасни решенија. ЕУ се движи кон следната генерација на вакви интерактивни решенија со јавноста, наречен Европски дигитален идентитет. Во основа тоа значи дека од вашиот смартфон може да го потврдите својот идентитет, возачка дозвола, да отворите банкарска сметка, да потпишете договор, и да правите се што сакате на многу едноставен начин, преку едноставна апликација. Ние сме среќни да ја споделиме нашата работа со Западен Балкан и концептот на дигитален идентитет да претставува основата за развој на следната генерација е-јавни сервиси, изјави Виола. На почетокот, министерката за јавна администрација, дигитално општество и медиуми на Црна Гора, Тамара Срзентиќ, им се обрати на учесниците во име на земјата домаќин, нагласувајќи дека пандемијата на коронавирусот покажа дека „не може да се биде офлајн влада во онлајн светот“. Потенцирајќи дека од Подгорица се испраќа силна порака за регионална соработка, Срезентиќ рече дека самитот се одржува во време на глобален предизвик и дека затоа е особено важно претставниците на сите земји „да ги здружат силите и да разменат дигитални искуства“. Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Анри П. Клуге, најави дека денеска ќе биде лансирана првата субрегионалната мрежа на дигитално здравје СЗО – Западен Балкан. - Ова иницијатива претставува ново ниво на видливост, вклученост, стандардизација и соработка во процестот на дигитализација на здравствените сектори на вашите економии. Принципите на еднаквост, полови и човечки права се во основата на оваа мрежа, со цел да гарантираат дека ниту една индивидуа не е маргинализирана или спречена од пристапот до дигиталните здравствени услуги. Дигиталното здравство е алатка за изедначување и унифицирање на сите општества, истакна Клуге. Според него, од суштинско значење е да се трансформира здравството од реактивен систем за гаснење пожар, како што е во моментов случај, во систем кој предвидува потенцијални точки што можат да настанат и спречат пожари. Државниот секретар во Федералното министерство за економски прашања и енергија, на Германија, Клаудија Дор-Вос, рече дека Дигиталниот самит го поттикна дијалогот на засегнатите страни и ги прекина трошоците за роаминг, што го подобри квалитетот на животот на граѓаните во регионот. -Ќе биде важно за владите на Западен Балкан да канализираат претпристапна помош и одржливи проекти. Како што се одвиваат процесите на дигитализација, мора да се осигураме дека сите групи во општеството имаат можност да бидат дел од овој процес. Ова бара промени во јавната администрација, рече Дор-Вос. Заменик генералниот секретар за дигитален развој во Министерство за економски прашања и комуникации на Естонија Сиим Сикут, рече дека трансформацијата значи промена на начинот на работа, како и дека ако сакаме да имаме добри јавни услуги, мора да ги имаме оние што најдобро функционираат за корисниците. -Пораката на дигиталната Естонија е дека иако ги немаме сите ресурси, совршен план, само започнете. Дури и малите нешта во вистинската насока ќе направат големо влијание, нагласи Сикут. Годинешниот дигитален самит се одржува во хибриден формат, делумно во Музичкиот центар во Подгорица, и онлајн. Самитот е дел од Берлинскиот процес и Акциониот план за заеднички регионален пазар за Западен Балкан, усвоен во Софија во ноември 2020 година. аа/ац/

Остани поврзан