• недела, 20 октомври 2024

Отворен фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Отворен фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Струмица, 8 септември 2024 (МИА) - Завесата на 32. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на независноста, вечерва ја кренаа актерите од НТ „Антон Панов“ Струмица со претставата „Црна Дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Годинашното фестивалско издание за отворено го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

- Струмица го чува и негува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ како едно од своите најомилени културни чеда. Тоа ќе го прави и во иднина  во чест на актерите и во чест на бардот на македонското глумиште, неповторливиот Ристо Шишков, рече Костадинов.

Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета се актери од осум претстави од земјава, Бугарија и Србија.

 Жирото го предводи ланскиот лаурет, актерот Јордан Симонов, кому вечерва му беше врачена плакетата за најдобро актерско остварување од минатогодишното фестивалско издание.

-Јас на 6,5-7 години го гледам Ристо Шишков во бараките во Театар „Центар“ во претставата „Кенгурски скок“, кога тој возеше еден велосипед во место. Добра претстава, едноставно, но после многу години јас сфаќам дека се вработувам во истата таа зграда, на истото тоа место кадешто сум го гледал Шишков. Работам со Васил Шишков, Бог да го прости, да го спомнеме и него и еве сега приказната ја заокружувам со оваа голема награда, рече Симонов.

Според селекторот на фестивалската програма, режисерот Љупчо Георгиевски, осумте претстави избрани за учество на Фестивалот ќе понудат одлични актерски креации.

-Критериумот за избор на претставите е нивниот кавлитет и тоа што е релевантно се конкурентни за оваа награда. Фестивалот има една, единствена актерска награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“ и се разбира тоа е водечкиот критериум за избор на претставите, изјави Георгиевски.

Утре програмата продолжува со претставата „Гардеробер“ во изведба на актерите од Драмскиот куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, 

Фестивалот се одржува од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура, Општина Струмица и Фондацијата „Заев-едно општество за сите“. рт/аа/

Фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан