• недела, 24 ноември 2024

Отворен Третиот годишен соларен саем во Скопје

Отворен Третиот годишен соларен саем во Скопје

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) – Повеќе од 36 компании се дел од Третиот годишен соларен саем во организација на Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“ што денеска е отворен во „Скопје Сити Мол “. На саемот, што ќе трае до 2 јуни, посетителите може да се информираат за фотоволтаичните системи, батериите за складирање на електрична енергија, хибридните фотоволтаични системи кои даваат и топла вода, електричните возила, чистачите на фотоволтаици,...

Како што истакна претседателот на „Солар Македонија“, проф. д-р Илија Насов, покрај претставници од земјава, на саемот своите производи ги излагаат и компании од Грција, Германија, Италија, Бугарија и Кина.

Според него, енергијата и храната се двете главни работи во светот и затоа фотоволтаиците, а посебно големите системи, треба да се поставуваат само на земјиште кое е необработливо, а токму покривите на објектите се идеално место да се постават. Како што нагласи, во изминатата година за околу 20 отсто е зголемено производството на електрична енергија од фотоволтаични системи во земјава.

На отворањето на саемот, тој најави дека во октомври во Скопје ќе се одржи конференција за соларна енергија на која ќе бидат презентирани иновативни решенија, особено агроволтаици кои овозможуваат садење на земјоделски производи и производство на електрична енергија на ист простор.

- Токму тие се начинот да се реши проблемот на поставувањето на фотоволтаиците и на обработливо земјиште, рече Насов и додаде дека само треба да се пратат европските регулативи и препораки на ова поле.

Директорот на Канцеларијата на УСАИД, Кристофер Доџ посочи дека годинава на саемот има двојно повеќе изложувачи од лани и додаде дека соларната енергија е исклучително важна бидејќи е чиста, не согорува и преставува одржлива алтернатива на скапиот увоз на енергенти. 

- Покрај тоа инвестициите во соларната енергија создаваат работни места ја унапредуваат технологијата и создаваат зелени области. Искористувањето на енергијата од сонцето гради отпорност во генерирањето на македонската електрична енергија и ја намалува зависноста од увоз на енергетски ресурси од странство, рече Доџ. 

Извршната директорка на Консалтинг за стратешки развој, Кристина Василева рече дека соларниот саем е поддржан од проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ финансиран од УСАИД чија цел е да се поддржат микро, малите и средните претпријатија.

- Во случајов не ги поддржуваме директно, туку преку здруженијата на бизниси, конкретно во соларниот сектор. Сметаме дека на тој начин им помагаме на компаниите подобро да работат заедно, да соработуваат и заеднички да настапуваат за нивните интереси и да стануваат многу порелевантен чинител во деловниот екосистем во државата. Токму овој саем е една од услугите кои ги поддржуваме во „Солар Македонија“, рече Василева.

Целта на проектот, додаде, е да поддржат услуги кои ќе се унапредат или да се развијат нови услуги кои здруженијата им ги даваат на своите членки во насока  на подобрување на нивниот раст и развој.

-Овој саем го почнавме пред пет-шест години и тогаш имаше околу 15 излагачи и беше во релативно изолиран простор во Визбегово и беше од прилично затворен карактер. Сега се доразви оваа услуга и имаме саем кој е на многу порепрезентативен простор и има двојно повеќе компании изложувачи, рече Василева. вј/бак/

Фото: МИА   

Остани поврзан