• четврток, 26 декември 2024

Отворен повик за 23 позиции за асистенти за нега на стари лица во Делчево

Отворен повик за 23 позиции за асистенти за нега на стари лица во Делчево
Делчево, 28 февруари 2022 (МИА) - Во Делчево е отворен јавен повик за 23 позиции за мерката 7.2 за обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во заедницата, имплементирана од Агенцијата за вработување во партнерство со УНДП – Швајцарската агенција за развој и соработка. Согласно повикот, за девет работни позиции заинтересираните ќе можат да аплицираат преку Хуманитарното здружение за помош и поддршка на лица со посебни потреби „Бравура кооператива“ Делчево, додека апликации за останатите14 позиции ќе можат да се поднесат преку Црвен крст Делчево. -Јавниот повик се однесува на три евидентирани невработени лица за вклучување во бесплатни обуки за палијативен неговател за болни и изнемоштени лица, шест позиции за асистенти/негователи за испорачување на услуга одмена на семејна грижа. Во однос на останатите 14 позиции, обуката е наменета за асистенти за нега на лица со Алцхајмерова болест, стои во јавниот повик на АВРСМ. Обуката ќе се реализира во период од три месеци организирана во неколку модули и фокусирана на теоретски и практичен дел. -Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од 9.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионалнa болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката, додаваат од Агенцијата за вработување. Невработените лица кои ќе ја завршат обуката и успешно ќе го положат предвидениот испит, ќе се стекнат со Сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обука пропишан од Министерство за образование и наука.  Заинтересираните невработени лица можат да го изразат својот интерес и/или да поднесат пријава во Центрите за вработување, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Детални информации за мерката може да се добијат во надлежниот Центар за вработување. вс/вј/  

Остани поврзан