• среда, 13 ноември 2024

Отворен мал групен дом за лица со посебни потреби во Градско

Отворен мал групен дом за лица со посебни потреби во Градско
Велес,12 септември 2022(МИА) - Велешкото Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености, денеска во Градско отвори мал групен дом на услугата „Живеење со поддршка за лица со попреченост“ во кој се сместени пет лица со посебни потреби, кои досега живееја во Специјалниот завод во Демир Капија. За нив во новиот дом во Градско од денеска ќе се грижат пет негувателки. 
Во информацијата за МИА, Далиборка Златева претседател на ова здружение, потенцира дека домот е отворен во рамки на проектот "Заедно за повеќе можности и поддршка"-ТИМОР на невладината организација CeProSARD кои ја овозможија реконструкцијата на домот, вработувањата на асистентите за поддржано живеење и стручниот тим на услугата, на кои им искажа голема благодарност за подршката.
Таа  искажа голема благодарност и до МТСП и министерката Јованка Тренчевска за поддршката во досегашниот процес на лиценцирање.
-Со деинституционализацијата на лицата со попреченост се овозможува нивна инклузија и им се дава можност и тие да го дадат својот придонес во општеството. Порачувам да ги надминеме сите предрасуди и да ги прифатиме овие лица како наши соседи и сограѓани. Воедно малиот групен дом на овие лица им дава можност да се чувствуваат како рамноправни жители на заедницата со нов дом кој не се разликува од домовите на нивните соседи, потенцира Златева.

Таа информира дека токму денеска кога одбележуваат 25 години активна работа на Здружение го отвораат вториот мал групен дом на услугата "Живеење со поддршка за лица со попреченост" во општина Градско.

-Горди сме на досегашниот постигнат успех на организацијата, поубав роденден не паметиме и не сме прославиле. Продолжуваме заедно посветено и во периодот кој следи го очекуваме отварањето на уште два дома од кои еден во општина Велес и еден во општина Градско. Да создадеме свет без бариери со еднакви можности за сите, потенцира Златева на денешното ставање во функција на малиот групен дом во Градско на кое присуствува меѓу другите и градоначалникот на општина Градско Киро Нацков, претставници од Специјалниот завод Демир Капија и претставници од Здружението.
Во февруари, годинава, здружението веќе отвори еден ваков мал групен дом, прв во Велес, во кој се сместени пет лица со посебни потреби. ад/вг/

Остани поврзан