• сабота, 23 ноември 2024

Отворен Инфо-пункт за млади невработени и бизнис секторот во Струмица

Отворен Инфо-пункт за млади невработени и бизнис секторот во Струмица
Струмица, 15 јануари 2020 (МИА) - Во Струмица вечерва беше отворен Инфо-пункт за млади невработени и бизнис секторот во рамки на проектот „Младите-клуч за иднината на бизнис секторот“, во реализација на НВО „Центар на заедницата на Општина Струмица“ и во партнерство со „Струмичка бизнис заедница“. Според проектниот координатор Миле Ѓеоргиев, Инфо-пунктот претставува канцеларија во која младите ќе можат да се обратат и да добиваат информации за тоа што го нуди бизнис секторот во Струмица во делот на вработувањето, практичната работа и волонтерството. - Инфо пунктот ќе го користат и бизнисмените, кои преку него ќе дојдат до млади кадри за вработување според потребите во сопствените бизниси. Тука ќе се даваат и услуги за кариерно советување, профилирање на личноста и помагање во избирање на професија за младите невработени и ќе работи секој работен ден од 10:00 до 14:00 часот, рече Ѓеоргиев. Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски истакна Инфо пунктот претставува обид за создавање своевидна симбиоза помеѓу двете целни групи - невработените и бизис секторот. - Ме радува фактот што проектот работи во насока на подобрување на положбата на пазарот на трудот на младите невработени лица, како и лицата кои се дел од маргинализирани групи, ползувајќи ги севкупноста на вредностите и предностите со кои тие располагаат, рече градоначалникот Јаневски. Проектот за отворање на Инфо-пунктот во Струмица е во рамки на „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан-ReLOaD“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).рт/фф/

Остани поврзан