• понеделник, 23 декември 2024

Отворен деветтиот Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Отворен деветтиот Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“
Скопје, 8 октомври 2021 (МИА) - Во тек е првиот ден од деветтиот Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Во Младинскиот културен центар и во Кинотеката учесниците ги гледаат првите филмови и почнаа со работилниците што ги избраа. Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри во 16 часот ќе одржи предавање на тема „Дали цртаните и стрипот можат да се користат во пропаганда?“, а Розарио Минервини, селектор од „Џифони Експериенс“ ќе одржи предавање за тоа како се прави селекција на филмови за фестивал. Денешната програма ќе заврши со презентација на odas.mk, за што ќе зборуваат Анисија Угриновска и Филип Најдовски. Фестивалот беше отворен синоќа со проекцијата на италијанскиот филм „Стаклено момче“ во режија на Самуеле Роси. Фестивалот е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Извршниот директор на „Џифони Експериенс“ Јакопо Губитози на отворањето на фестивалот изрази задоволство што повторно се во нашата држава. -Се радуваме што по две години повторно сме во Македонија. Посебно ни се драги младите од Македонија кои се наши учеснции на „Џифони Италија“. Тие се секогаш најактивни, се истакнуваат по елоквенција и оригиналност. Повторното доаѓање во киносалите е знак на нов почеток и нешто што многу ни недостига. Културата не смее да ја снема, што и да се случува во светот, таа ни треба, порача Губитози. -Благодарение на поддршката од Агенцијaта за филм, Министерството за култура, „Џифони Италија“ и во последните години благодарение на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија поддршка посебно од минатата година е многу важна и годинава имаме фестивал богат со содржина. Не скративме програма, а вклучивме и деца од другите градови, преку т.н. хабови, за што ни помогна Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Пред точно десет години првпат во 2012 година токму овде паднаа првите разговори за „Џифони Македонија“, истакна извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башески. Преку платформата „Зум“, присутните во салата ги поздрави и Клаудио Губитози, основачот на фестивалот. Тој истакна дека „Џифони Македонија“ е единствената меѓународна активност што годинава е поддржана од нивна страна. -Македонија е единствената земја во која годинава е поддржан концептот на „Џифони“ надвор од Италија. Јас му честитам на тимот на „Џифони Македонија“ за сè што прават овие години. Младите од Македонија се дел од големото семејство на Џифони и имаат важно место таму. Во пандемијата сфативме колку ни фали близината, прегратките, насмевките. И во 2022 година ќе почнеме нов пат на Џифони и ќе се концентрираме на овие вредности повеќе, рече Губитози. Присутните ги поздравија амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која и италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри. -Се радувам што повторно сме во киносала, каде се случува магијата. 180 млади учествуваат годинава. „Џифони“ секогаш бил повеќе од филмски фестивал. Ова е место каде што младите учат да дебатираат, учат за животот од филмовите. Киното не е само забава. Знам дека со голема одговорност и со задоволство ќе ги гледате филмовите и ќе ги оценувате, им порача Силвестри на младите. Додаде дека културната соработка помеѓу двете земји е се подобра. Силвестри ја најави Неделата на италијанскиот јазик, која годинава е посветена на големиот италијански поет Данте Алигиери. мд/лв/

Остани поврзан