• сабота, 23 ноември 2024

Отворен деветиот Викенд на гордоста во Скопје

Отворен деветиот Викенд на гордоста во Скопје
Скопје, 2 јуни 2021 (МИА) - Со ретроспективна изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот, вечерва во МСУ е отворен овогодинешниот, девети по ред, Викенд на гордоста во Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија, што ќе се одржува до 9 јуни, во Музејот на современа уметност, КСП ЈАДРО и кафе барот Шортбас. Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е „НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти“. - Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти. Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи, истакнаа организаторите. Организаторите наведоа дека Франко Б, својата уметничка работа не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри. - Публиката ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД). Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и танц триото STEAM ROOM, коишто минатата година безрезервно ги освоија срцата на скопската публика, потоа перформанс колективот СПИЗ! Од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП ЈАДРО, и џез триото Светлост. Како и изминатите, и оваа година имаме две предавања, едно перформативно предавање на проф. Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на Франко Б, посочија организаторите на Викенд на гордоста. Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Хајнрих Бол, амбасадите на САД и Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура и Град Скопје. Медиумски покровител на фестивалот е ПОРТРЕТ Магазин. - Оваа година каталогот за фестивал е проследен со уреден зборник текстови од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антоио Негри и други, информираа организаторите. см/сп/

Остани поврзан