• недела, 24 ноември 2024

Отворен „Астерфест“, доделена наградата „Астер“ на Антонио Митриќески

Отворен „Астерфест“, доделена наградата „Астер“ на Антонио Митриќески

Струмица, 1 август 2024 (МИА) - Под мотото „Кино реалност 24“, вечерва во Струмица беше отворено 19. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. На лауреатот на 19.фестивалско издание, режисерот Антонио Митриќески, признанието му го врачи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој го прогласи Фестивалот за отворен.

-Струмица беше, останува и ќе продолжи да биде еден од најголемите културни центри во државава. Покрај многуте нешта со трајни културни и традиционални вредности, заслугата за високиот рејтинг на нашиов град на културен план, ја имаат и бројните меѓународни манифестации, меѓу кои е и Интернационалниот филмскиот фестивал „Астерфест“, како еден од најважните културни белези на нашиот ѕвезден град. Убеден сум дека сите заедно ја споделуваме радоста од речиси дваесетгодишниот успешен опстој на овој фестивал, кој од година во година бележи континуиран растеж, рече Костадинов.

Лауреат Антонио Митриќески, оваа престижна награда ја доби за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус.

-Филмот е колективна работа. Еден човек не прави филм. Наградата мени ми даде поттик да работам, но и да ги отвори портите на младите автори, кои ги има во изобилие во Македонија. Да им се даде шанса, затоа што не смееме да зборавиме дека филмот е еден од најголемите амбасадори на една земја, рече Митриќески во своето обраќање по примањето на наградата „Астер“.

Основачот на Фестивалот и уметнички директор, Горан Тренчовски, се заблагодари на сите кои помогнале во организирањето на фестивалот во изминатитe 19 години, а посебно на Општина Струмица.

-Од година во година Фестивалот расте, се развива. Ја задржува својата физиономија, но трошоците се зголемуваат и секако во таа смисла би сакал да продолжи таа соработка со институциите на државата и, пред се, со Општина Струмица, која е пример за поддржувач на културата и уметноста, рече Тренчовски.

Во овогодишната програмска селекција има 24 исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации кои ќе се натпреваруваат за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“ и за неколкуте други награди.

Официјалното стручно жири го сочинуваат уметникот Никола Пијанманов, Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник и Ганимет Сава, основачка и претседателка на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина.

Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Струмица. рт/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан