• четврток, 19 декември 2024

Отворено јубилејното 35. издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово

Отворено јубилејното 35. издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово

Скопје, 19 август 2023 (МИА) - Јубилејното 35. издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово синоќа беше отворено пред рекорден број посетители. 

Во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени. Беше промовирана книгата „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, а настапија: Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Снежана Стојчевска, Љубица Шопова, Сузана Мицева, Павлина Атанасова и Марија Велинова.

Следуваше интернационално поетско читање на кое настапија: Феликс Шилер (Германија), Шпетим Селмани (Косово), Албан Туфа (Албанија), Марија Костиќ (Србија) и Перица Сарџоски (Македонија). Потем беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица.“

На програмата на фестивалот за денеска е предвидена промоцијата на книгата: „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“. Настаните се закажани за 17:00, односно 18:00 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

Фестивалот го овозможија: Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерството за култура и Комерцијална банка. ир/хс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан