• четврток, 26 декември 2024

Отворено писмо на Платформата за родова еднаквост до Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Отворено писмо на Платформата за родова еднаквост до Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Скопје, 14 мај 2024 

Платформата за родова еднаквост упатува честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за нејзиниот избор и новиот мандат на Претседателка на Република Северна Македонија. Сиљановска-Давкова е првата жена избрана за претседателка на нашата држава - како Платформа сметаме дека ова е значаен чекор кон остварување на долгогодишните заложби на Платформата за родова еднаквост за што поголемо вклучување на жените на највисоките позиции на одлучување и владеење. 

Во оваа прилика уште еднаш потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку истите се соочуваат со општествени и структурни бариери за нивно вклучување, па така се обесхрабрени да остварат потполно политичко учество. Во нашата држава, родовата нееднаквост во политичкото учество на жените е видлива на речиси сите нивоа на владеење. На локално ниво, само две (или 2.5%) од 81 општини избрале жени за градоначалници. Дополнително, кога станува збор за извршната власт, од вкупно 16 министерства, само 5 (или 25%) се предводени од жени. Доколку во овие бројки се факторираат и жените од немнозинските групи, оваа статистика е уште поалармантна. Дополнително, Собранието на Р.С. Македонија во над 30 години самостојност на државата сѐ уште немало претседателка на Собранието. 

Со цел да се постигне значајно и релевантно политичко учество потребна е минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот. Но, со актуелното темпо на напредок, не можеме да очекуваме вистинска родова еднаквост во националните законодавни тела уште најмалку 4 децении, или до 2063 година.[1] Да не заборавиме и на поразителниот факт што поголемата бројност на мажите на политичката сцена често пати ги охрабрувало да упатуваат навреди кон своите колешки и отворено да подгреваат атмосфера на мизогинија. Затоа, се надеваме дека изборот на првата жена за претседателка на државата ќе биде пример и мотивација за други жени и девојчиња да земат учество во политиката на сите нивоа и ќе придонесе кон што поголемо вклучување и прифаќање на жените во политиката, каде тие ќе бидат заштитени и третирани со должна почит на рамноправни креаторки на политиката.

Воедно, ја повикуваме Претседателката Сиљановска-Давкова да ги одржи своите ветувања и да покаже заложба за родова еднаквост во пракса, работејќи кон зајакнување на позицијата на жената во различни сегменти на општественото дејствување, како и пружајќи поддршка во борбата против антиродовите движења. Дополнително, повикуваме на директно партнерство и исполнување на целите и правните заложби на кои нашата држава се обврзала во рамки на националното и меѓународното право и потпишаните и ратификувани повелби и конвенции. Предизвиците и бариерите со кои се соочуваат жените во јавниот, приватниот и политичкиот живот се бројни, а поддршката од сите политички актери, вклучително и од Претседателката на државата, е клучна за унапредување на женските права.

Ја користиме оваа прилика да потсетиме на приоритетите кои како Платформа за родова еднаквост ги дефиниравме како патоказ за политичарите во поглед на мерки кои што можат да доведат до унапредување на родовата еднаквост во нашата држава: 

●   Неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус во секоја општина; 

●    Еднаква плата за еднаква работа; 

●    Постапување со должно внимание на институциите задолжени за превенирање и заштита од родово базирано насилство; 

●     Трансформација на статусот на жените работнички во културата кои со години наназад се соочуваат со неизвесност во однос на нивниот работен статус; 

●     50% застапеност на жените на позициите на моќ; 

●     Систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за жените земјоделки; 

●     Системски решенија за грижа за деца и стари лица; 

●     Борба против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените и се главна причина за заминување на младите луѓе од земјата.

Платформата за родова еднаквост продолжува да биде сојузник на жените во политиката, но и будно ќе го следи спроведувањето на програмата на Претседателката Сиљановска-Давкова, водени од феминистичките принципи и заложби кои не обединуваат.  

Платформата за родова еднаквост

___________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива 

 

 

 



Остани поврзан