• среда, 25 декември 2024

Отворено писмо за изменување и прилагодување на законодавството поврзано со поставување на соларните системи на покривите на домовите

Отворено писмо за изменување и прилагодување на законодавството поврзано со поставување на соларните системи на покривите на домовите

Скопје, 7 септември 2023

 

Со измени на постојните закони и правилници до отклучување на производството на електрична енергија од обновливи извори за домаќинствата

Потребно е усогласување на законите и подзаконските акти со моменталните состојби со цел да се создаде овозможувачка околина за зголемено користење на обновливите извори на енергија од домаќинствата- процес кој ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе ги ублажи последиците од климатските промени.

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко свест Скопје, Македонското здружение на млади правници, Институтот за економски и енергетски политики и истражувања, Македонската платформа против сиромаштија и Солар Македонија во периодот од ноември 2022 година до август 2023 година ги анализираа условите за поставување различни типови на соларни системи на покривите на домовите.

„Целта на истражувањата беше да пронајдат слабостите во правната рамка за инсталирање фотоволтаични системи и да се предложат конкретни измени со цел да се создаде овозможувачка околина за зголемено користење на обновливите извори на енергија од домаќинствата – процес кој ќе помогне да се забрза енергетската транзиција во Македонија.“ – вели Елена Николовска, програмски координатор за клима од Еко-свест.

При изработка на анализите се спроведоа неколку фокус групи со граѓани, споредба на регулативата со државите од регионот за да се пронајдат успешни примери, а експертите изработија и детална техно-економска анализа за исплатливост за домаќинствата од поставување на фотоволтаични, фото- термални и термални системи. Постојат сериозни пропусти во правната регулатива, неусогласенот на терминологијата со постоечките расположливи технологии и капацитети и неусогласеност со други релевантни закони и подзаконски акти кои се пречка за граѓаните да ги користат поволностите од обновливи извори на енергија.

Потребно е да се направат измени на Правилникот за обновливи извори на енергија со цел фотонапонските системи да бидат исплатливи и привлечни за домаќинствата и зголемување на вкупната инсталирана моќност на фотонапонските системи за домаќинствата од 6 kW на 9 kW како и да се промени формулата за вреднување на вишокот произведена електрична енергија на начин што откупната цена на вишокот на електрична енергија од фотонапонските систем да биде иста со цената по која домаќинствата ја купуваат електричната енергија од универзалниот снабдувач.

Некои од клучните измени кои треба да се предвидат во законот за градење е постапка за поставување на други типови соларни системи како и воведување на обврска за задолжително поставување фотонапонска електроцентрала при изградба на нов објект, односно при реконструкција на објектите.

Системот за субвенционирање на трошоците за сончеви термални колекторски системи мора да се преобмисли особено правилото прв дојден прв услужен кое е нецелисходно, предлагаме доделувањето на надоместокот да се врши по принципот сите лица кои аплицирале и ги исполнуваат условите да добијат надоместок на дел на трошоците во висина пропорционално со предвидените средства со програмата.

Со оглед на тоа дека во моментов се случуваат важни процеси на измени во секторот енергија со цел забрзување на енергетската транзиција и усогласување со европското законодавство ние испративме и отворено писмо до Владата и институциите и се надеваме дека нашите препораки ќе бидат земени во предвид, а се со цел да се намалат и ублажат последиците од климатските промени и подобрување на квалитетот на воздух во државата.

Центар за истражување и информирање за животната средина Еко свест Скопје, Македонско здружение на млади правници
Институт за економски и енергетски политики и истражувања
Македонска платформа против сиромаштија
Солар Македонија

Фото: Центар за истражување и информирање за животната средина Еко свест Скопје

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан