• вторник, 17 декември 2024

Отворени 61. Струшки вечери на поезијата

Отворени 61. Струшки вечери на поезијата
Струга, 25 август 2022 (МИА) - Струшките вечери на поезијата се отрезнувачка опомена на новото време, а поетите се наши исцелители, забележа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 61. издание на најпрестижната поетска манифестација. Во зборовите на поетите, како што нагласи, многу пати сме нашле утеха, а зборовите што нас не лекуваат, се нивна болка опишана и запишана низ најубави зборови, во магични стихови. - Во свет во кој поезијата сė помалку ја има, а сė повеќе ни треба, добре дојдовте на нејзиниот остров, добре дојдовте во поетска Струга. И ако поезијата е кралица на литературниот израз, тогаш Струга е светска престолнина на поезијата, и вечерва, по 61. пат, рече Костадиновска - Стојчевска во своето обраќање на официјалното отворање на Струшките вечери на поезијата. Осврнувајќи се на младите генерации, но и новото модерно време забележа дека се помалку комуницираме и зборуваме, а најубавите зборови од мајчините јазици ги заменуваме со „емотикони“. - А каде е зборот, каде се чувствата. Дали имаме страв од Платоновата мисла дека поезијата е поблиску до вистината отколку историјата или постои ли извесен страв од поезијата зашто таа е соочување со самиот себе. Да, ние веќе поинаку комуницираме и со другите, но и со себеси, рече министерката за култура. Поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска, која била најмладата учесничка на првите Струшки вечери на поезијата ја испрати поетската порака, според која, тие што го слават зборот со чувство дека допреле до совршенството на природата, допираат и до самиот Бог. - Тој е светлината што и помага на темнината да го осознае своето постоење. На вечноста на која и се поклонуваат, тие кои го восприемаат и го обликуваат словото: пишувачите, поетите, раскажувачите, зборувачите. Тие бескрајните толкувачи на словото. Тие како на аџилак со невидливите крилја од Константин Миладинов, долетуваат по „Т’га за југ“ и влетуваат во магепсаниот простор на езерото, рече Михаилова Бошнакоска. Осврнувајќи се, на, како што рече, химната на македонските поети, Константиновата „Т`га за југ“, забележа дека т`га за југ нас не води низ животот. - Химната на македонските поети е наша т`га за југ. Т`га за југ нас не води низ животот, со тага го минуваме, но и победуваме, подвлече Михаилова Бошнакоска. Оддекот на поезијата на македонските, но и светските поети, потсети, трае од далечната 1961 година кога врвни поети и писатели ја зачнале оваа поетска дружба, а поезијата стана патоказ за многу млади луѓе. - Оттогаш поминаа многу години за СВП, но и за мене. Македонската поезија беше ексклузивитет. Денес таа е етаблирана и прифатена безмалу во целиот свет. Така што учеството на СВП е привилегија и не само за македонските поети, но и за поетите од целиот свет, рече Михаилова Бошнакоска. По палење на Фестивалскиот оган, манифестацијата продолжи со традиционалното читање „Меридијани“. Годинашното 61. издание на Струшките вечери на поезијата почна денеска со садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златниот венец“ јапонски поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува физички, а признанието во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава. сс/мд/

Остани поврзан